Насловна / Вести / Ангелот од Курбиново – безвременска приказна

Ангелот од Курбиново – безвременска приказна

angelot-od-kurbinovo-1.jpgГи гледаме речиси секој ден. Поминуваат низ нашите раце, сосема
спонтано, замрзнатите слики од далечното минато. Сме помислиле ли
некогаш за нивното присуство, за нивната важност, додека лежерно го
отвораме паричникот посегнувајќи по банкнотата од 50 денари на која се
oтпечатени нивните ликови. Ликот на архангел Гаврил од Курбиново стуткан
во нашиот џеб, а вечно исправен во светиот простор, на ѕидовите на
црквата "Св. Ѓорѓи" во селото Курбиново.

Почеток на една приказна, која нè враќа векови наназад, во дванаесеттиот век, во времето на Византија и Комнените. Со поглед на Преспанското Езеро, на мала височинка на крајот од селото, се наоѓа црквата посветена на свети Ѓорѓи. Според натписот, кој се наоѓа на чесната трпеза во олтарниот простор, таа е живописана во април 1191 година, а најверојатно е изградена една година претходно. За жал, не постојат пишани податоци, ниту пак е зачуван ктиторски натпис, кој би го открил идентитетот на тој што ја изградил црквата.

 

angelot-od-kurbinovo-1.jpg

 

Според насликаниот ктиторски портрет на западната фасада, кој е оштетен, може да се забележи дека дарителите припаѓале на највисокиот социјален сталеж. Црквата е еднокорабна со длабока полукружна апсида на исток и без припрата во западниот дел. Таа е една од најголемите еднокорабни цркви на територијата на Македонија. Еднокорабниот концепт важи за скромен архитектонски избор. Но, декоративната фасада на "Св.Ѓорѓи", која имитира керамопластични орнаменти, е компензација за архитектонско решение.

Сликаниот ансамбл е тој што прави овој храм да се вброи меѓу најубавите византиски цркви од времето на владеењето на династијата на Комнените. Фрескоживописот во "Св. Ѓорѓи" е мајсторски изведен, вешто адаптиран на просторот и ги сублимира традиционалните матрици на исликување црква. Посебноста на сликарството е во иконографските новини. Тоа најмногу се однесува на фрескодекорацијата во олтарот. Богородица е претставена во конхата на олтарот како седи на престол, а во нејзината прегратка е малиот Христос. Таа е симбол на земната црква, додека Христос е тој што ќе се жртвува за човечкиот род. Од нејзината лева и десна страна се архангелите Гаврил и Михаил. Под оваа претстава се наоѓа уште една сцена, која е иконографска новина. Тоа е сцената Литургиска служба на архијереите што, наместо на Хетимасијата, се поклонуваат на малиangelot-od-kurbinovo-2.jpgот Христос, кој е положен на чесната трпеза како жртва. Ова е најстара претстава на жртвениот Агнец во олтарниот сликан ансамбл во византиските споменици. 

 angelot-od-kurbinovo-3.jpg

 

Христолошкиот циклус претставува комбинација од Празничниот циклус и од Страсниот циклус. Сцената Благовестие е збогатена со илустрација на Соломоновите стихови, кои говорат за мајката божја како за "запечатен кладенец" и "затворена градина", симболично величејќи ја нејзината девственост. Следуваат Оплакување, Мироносеци на Христовиот гроб, Распетие, Крштевање, Симнување во адот, Симнување на светиот дух и други сцени, сите со иновативни елементи. Посебно впечатливи се жанр-елементите во Раѓањето на Христос и во Влегувањето во Ерусалим. Овчарскиот пес, кој бдее врз трлото на пастирите и детето што вади трн од своето стапало, говорат за креативноста на сликарите. Кога се говори за досетливоста на мајсторите, треба да се споменат и женските светителки Варвара, Недела и Катерина, кои во отсуство на припратата, мајсторот ги сместил на соодветно место – западниот ѕид од црквата. Ликовниот ракопис на курбиновските сликари е силен белег на оваа црква. Ако еднаш ги видите светителските ликови, "маниристички" издолжени, со раскошно развиорени облеки, небере лебдат во просторот, верувам, нема да ги заборавите.

Тоа се ликови распоредени во сцени, кои се беспрекорно избалансирани. Ликови со внатрешен набој. Таков е архангел Михаил, таков е и архангел Гаврил, истиот оној што секојдневно го гледаме на нашите денари.

 

Кате Антевска,
историчар на уметност

Испрати коментар

Scroll To Top