Проф.Мишко Ралев, архитект
Таканаречениот концепт Скопје 2014 е се само не архитектонско-урбанистичка визија на центарот на нашиот главен град. Несериозно е да се гради врз основа на псеудо архитектонски решенија кои претендираат да разрешат прашања кои никој не ги поставува…
– потрага по национален идентитет претставен на фасада на архитектонски објект и пронаоѓање на рецепт матрица за национален урбанистички концепт на центарот на главниот град на државата. Тврдењето на протагонистите на видеорамата дека современата архитектура не ја изразува нашата националната посебност е да не речам смешна. Современата архитектура како израз на демократските општества не подразбира диктат или канонизирање. Таа по својата изразна и обликовна појавност е апстрактна, така што барањето за некаков симболизам преставува ретроградна идеја воопшто. Истото е и со концептот на монументализам кој се забележува во сите просторно функционални содржини прикажани во новоскопската разгледница (надградени и накитени постојни објекти, новопроектирани згради, мостови, капии, споменични обележја итн., измешани функции дури и во еден објект) Чуден е и обидот да се редефинира урбаниот концепт на просторот со обично редење на објекти чија единствена функција е да ги сокрие модерните објекти на културниот центар во позадината.
Воопшто не станува збор за индивидуален израз на авторите на објектите, колку и да сака некој така и да го прикаже, затоа што во конкурсните услови стриктно се бараше објектите да бидат во даден историски стил. Во нив уште недостасуваше слика на победничкиот автор. За илустрација видете го најновиот конкурс за катна гаража во централното градско подрачје во кој според нарачателот, објектот гаража треба да биде проектиран во историски стил – барок, класицизам, неокласицизам, романтизам и неоромантизам. Нејасно е дали сите стилови треба да се применат или тоа го знае само победникот.
Посебна прикаска е нетранспарентноста во нарачката и изработката на измените и дополнувањата на ДУП-от за Малиот ринг што резултира во една конфликтна состојба помеѓу постојното и новопредвиденото. Нејасно е како се планира да се решат инфраструктурните проблеми при вакви густо планирани функции и содржини на толку ограничен простор. Се сомневам дека се превземени опсежни урбанистички анализи на предметниот простор што е императив при отпочнување на ваква обемна градежна активност.