„Нема бегалска криза, туку само човечка криза… , соочувајќи се со бегалците ние ги изгубивме нашите основни вредности. Во ова време на неизвесност, ни треба повеќе толеранција, сочувство и доверба едни за други, бидејќи сите ние сме едно. Поинаку, човештвото ќе се соочи со уште поголема криза“, изјави Аи Веивеи по повод изложбата во Прага.
Најпознатиот современ кинески уметник повторно ја воодушеви јавноста со свое ангажирано дело, а овој пат во фокусот ја стави мигрантската криза.
Аи Веивеи е кинески уметник познат по своите контроверзни дела, а својата последна значајна инсталација ја постави во Националната галерија во Прага. Се работи за голем гумен чамец во кој се наоѓаат двеста мигранти без лица. Оваа инсталација е дел од неговата самостојна изложба, која била отворена во Прага на 15 март.
Целта на оваа конкретна инсталација е да се потенцира на европските политики во врска со мигранти, што уметникот наоѓа непријатни и несоодветни. Според моментално достапни податоци, повеќе од 1,5 милиони луѓе ги ризикувале своите животи во небезбедни чамци со кои тие требале да пристигнат во Европа.
Чешка е една од земјите со најостра миграциона политика, па затоа оваа инсталација е повеќекратно важна.
Изминатот период, Аи Веивеи изведе многу впечатливи инсталации инспирирани од судбината на мигрантите, како што беше онаа кога уметникот ги покри столбовите на зградата на „Konzerthaus“ во Берлин, со 14.000 портокалови спасувачки елеци од Лезбос.
Тој, исто така, целата измината година ја помина посетувајќи околу 40 бегалски кампови и премини – во САД, Мексико и турско-сириската граница, каде го снимаше документарниот филм „Human Flow“. Филмот премиерно ќе биде прикажан во текот на летото, 2017 година.
Аи Веивеи и во последните неколку дела укажуваше на овој проблем, па така и во Палата Строци во Фиренца постави дваесетина слични гумени чамци.