Единствената концертна сала во Скопје наскоро ќе се реконструира и догради со помош на Владата. Ова го најавија премиерот Никола Груевски и директорот на Универзална сала Душко Поповски. Веќе е распишан меѓународниот тендер за изведувач на градежните активности кои, пак, се очекува да започнат околу Нова година.
“Предвидено е салата да има нов модерен изглед и функционалност според современи стандарди. Ќе се интервенира во ентериерното уредување, проширување на фоајето и негово ослободување од гардеробите, доградба и приспособување на нови простори и содржини, замена на сите дотраени материјали, вградување противпожарни скали, реконструкција на таванот, катовите, галериите, санитарните јазли, квалитетна опрема за озвучување, вентилација и инфраструктура, обнова на фонтаната пред салата. Ќе бидат додадени уште два реда нови седиш та, а старите околу 1.500, целосно ќе бидат заменети и со повеќе простор за поголем комфор на посетителите”, објасни архитектката Ленка Маневска, една од тројцата автори на проектот. За негова реализација ќе бидат потребни околу три милиони евра, но сепак, конечната финансиска конструкција ќе зависи од финалните детали и од ревизијата на проектот кој е стар четири години. За време на градежните зафати, салата ќе биде функционална, а по потреба делови од неа ќе бидат затворани во различни фази од реконструкцијата.
Т.Г.
Објавено во број 91.