Насловна / Архитектура / Агора градина ќе почне да јаде смог во Тајпеј

Агора градина ќе почне да јаде смог во Тајпеј

Кулата „Агора градина“ (TAO ZHU YIN YUAN TOWER) во Тајпеј е дизајнирана од француската фирма за архитектура на Винсент Калебоут и до крајот на оваа есен таа ќе биде ставена во функција. Тоа ќе биде еден од најмодерните градежни екообјекти што светот некогаш ги видел. Се наоѓа во срцето на растечката урбана зона Хинјин и истата се смета за важен исчекор во екоструктурите. Инспирацијата за формата на објектот се две сплотени раце, што е одраз во архитектонска смисла на овој облакодер, во комбинација со зелените површини. На површина од околу четири хектари, што воедно била последната расположлива парцела, светот ќе ја види со сиот свој сјај најсовршената градба со ниска потрошувачка на струја.

agora-garden-1

Зградата е екодизајнирана, извлекува максимум од природно осветлување и вентилација. Има систем за рециклирање на дождовна вода и соларни панели. Таа ги интегрира не само рециклирањето на органскиот отпад и вода, туку и сите обновливи извори на енергија и друга нова современа нанотехнологија како што се сончеви фотоволтаични панели. Истата е работена според најстрогите критериуми на Министерството за животна средина на Тајван.

agora-garden-2

Кулата вертикално вклучува големи балкони конфигурирани како вистински висечки градини, органски, ароматични и други градини за лековити растенија. Со еден збор, растителен рај за љубителите на природата. Иако објектот има 21 кат, има уникатен облик и форма. Поделена е на две крила, кои се закосени едно кон друго, секој кат има отклонување од 4.5 степени при што на врвот вкупната разлика е 90 степени.

agora-garden-3

Долгите балкони  се опремени со фотоволтаични модули како и системи за филтрирање и обновување на дождовница и фитопрочистувачи. Целиот објект секоја година ќе може да апсорбира 130 тони јаглероден диоксид, благодарение на 23 илјади дрвја. Конечно, според концептот C2C (Cradle 2 cradle), сè се трансформира, вклучитлено и внатрешните елементи, како што е мебелот, кои ќе бидат од рециклиран материјал со можност и по неговата употреба да се замени со ист функционален принцип на мебел. Сите овие компоненти како принцип на градба, имаат за цел да му донесат посебен статус за „зелена зграда“ на објектот.

agora-garden-4

Архитектонскиот концепт освен само како екодизајн на енергетска самодоволна зграда, чија енергија е електрична и топлинска подразбира исто така и прехранбена компонента, бидејќи вишокот на храна ќе оди во специјална централа која ќе прави биогориво, кое пак до последен атом ќе се разградува за различна намена.

agora-garden-6

Кулата Агора е директно инспирирана од структурата во двојна спирала на ДНК како извор на живот, динамизам и збратимување. Секоја двојна спирала е претставена во проектот од страна на две станбени единици кои формираат целосно ниво, а изгледот потсетува и на две исправени поврзани дланки.

Од друга страна, според гледна точка на пешакот од околните улици, оваа кула го менува лицето и предлага нови профили, па како што се движите имате впечаток дека и самата зграда се движи со вас. Покрај оваа подвижна геометрија дополнително видикот е разубавен со екотерасите полни со дрва. Во внатрешноста, по нивоа, централното јадро собира две скалила, четири лифтови со 24 брзини и носивост од 1.800 килограми, еден лифт за автомобили, но и за други масивни предмети и друго. Сите овие вертикални текови се покриени со огромен егзоскелет со лого во армиран челик.

agora-garden-7

Апартманите се во просек од од 540 квадратни метри и се околу централното јадро. Сите нивоа се поврзани на двата краја со две спирални мега колони покриени со зелени ѕидови.

Овој структурен концепт овозможува максимална флексибилност во смисла на внатрешен распоред. Обезбедува и оптимална визуелна пропустливост кон суспендираните градини на балконите во преден план и урбаната панорама на позадината.

agora-garden-10

Кулата е покриена со линеарни кристални фасадни компоненти кои се повторуваат на секое ниво. Идентичните фасади во секој стан ќе бидат претходно произведени во фабрика за да се забрза нивното поставување за време на внатрешните работи. Секој апартман ќе има двослојни фасади со интегрирани ролетни со цел да се заштитат внатрешните простори од сончевото зрачење во лето и да се ограничи калориската загуба во зима. Применет е концептот на пејзаж за да се изгради каскада на суспендирани градини кои ја покриваат целата зграда. Кулата на тој начин е еден вид на вистински вертикален населен парк.

agora-garden-9

Објектот има фотоволтаичен покрив на височина од 100 метри, и таа огромна фотоволтаична површина од илјада квадратни метри ги преобразува сончевите зраци во електрична енергија која директно се враќа во мрежата на зградата. Кулата ќе има и голем паркинг-простор кој овозможува место за 230 автомобили и 500 скутери на четири подземни нивоа со висина од 3.10 метри. Инаку, дизајнот ја доби првата меѓународна награда во ноември 2010 година како највлијателен екообјект.

 

ТЕХНИЧКИ ПАРАМЕТРИ

 

АРХИТЕКТИ: Винсент Калебоут Архитектури, Париз

КЛИЕНТ: БЕС Инженеринг корпорација, Тајпеј

ИЗВЕДУВАЧ: Тајван Кумагаи Ко, ООД

СОДРЖИНА: 42 одржливи апартмани + други капацитети

ПОВРШИНА: 42.335,34 квадратни метри

ВИСОЧИНА: 21 кат во две крила

ПОДГОТВЕНОСТ: ноември 2018 година

ЗЕЛЕНА СЕРТИФИКАЦИЈА: Совет на зелената градина на САД, LEED Gold + Алијанса за ниско ниво на јаглерод, дијамантско ниво

ЛОКАЛЕН АРХИТЕКТ: ЛКП Дизајн, Тајпеј

ЛОКАЛЕН МЕП ИНЖЕНЕРИНГ: Сине и соработници, Тајпеј

МЕЃУНАРОДЕН ВНАТРЕШЕН АРХИТЕКТ: Вилсон и соработници (ВА), Лос Анџелес

ЗЕЛЕН КОНСУЛТАНТ: Енертек, Тајпеј

agora-garden-8

Испрати коментар

Scroll To Top