Насловна / Архитектура / Аголна куќа во Банкок

Аголна куќа во Банкок

1

Името Аголна куќа (Baan Moom) во Банкок е дадено од страна на сопственикот, кој е еден од жителите во куќата и архитект-проектант од архитектонската фирма “IF”. Младиот архитект Sorakit Kitcharoenroj создава дизајн кој произлегува од желбата да изгради нова куќа на стариот имот од семејството. Куќата треба да биде функционална и да одговори на растечките потреби на секој член од семејството. Во старата куќа поради ограничен простор, Соракит и неговиот брат ја делат едната спална, а неговите родители и сестрата другата. Бидејќи старата куќа е соседна на новата, тој решава со новиот план да урне еден ѕид од старата и да создаде врска меѓу двете куќи.

2 3

Едноставноста на архитектонската маса на куќата е материјализирана по личен избор на архитектот. Кутиестиот облик има неколку отвори кои влијаат на надворешниот изглед на куќата, а истовремено овозможуваат врска меѓу внатрешноста и надворешноста. Зборот „агол“ е концептуализиран во „личен агол“ од секој член посебно, обележувајќи го ентериерот на куќата во приватни и јавни агли, искористени да се идентификуваат празните простори и да се формира една серија на триаголни простори.

4 5

Деталите на просторот искажуваат еден хармоничен архитектонски наратив. Главната спална на родителите изгледа едноставна и лесна за чистење. Областа за облекување е замислена како дел од бањата, додека огледалните врати на плакарот се користат да го продолжат просторот визуелно. Спалната соба на братот е дизајнирана да има прилично длабок простор, а фокусот е ставен на голема соблекувална. Дрвениот под и ѕид во собата се хармонични со останатите делови во куќата. Триаголната графика на ѕидот создадена од деталите на дограмата, е исто така слична со триаголните елементи на куќата. Спалната соба на архитектот има темна боја и е поставена во горниот, галериски дел  на двовисинскиот простор заедно со тоалетот, додека на долниот дел е работниот простор. Вертикалниот празен простор е поделен со цврста рибарска мрежа, што визуелно го сепарира просторот.

8

7

И покрај прилично густото присуство на агли и линии во ентериерот, архитектот уште повеќе ја нагласува едноставноста на деталите со тоа што го контролира тонот на бојата на материјалите, текстурата на ѕидот и обидот за комбинација  на отворите (врати и прозорци) во дел од ѕидот. Деталите на рамките од отворите се направени да изгледаат како да исчезнуваат во ѕидот. Горниот агол од кутијата е отсечен, создавајќи дијагонален пресек во архитектонската маса. Аглите на покривот се елиминирани, со што се добива конечна триаголна форма. Областа на покривот може да се користи како проодна тераса до која се стигнува со скалички, со можност за поставување на столици и користење на светларникот како маса за приватни забави.

6

Испрати коментар

Scroll To Top