Пред архитектот Пако Радовановиќ од „Радо инженеринг“, поставена е задача да се дизајнира ентериер за стан од 180 метриквадратни во зграда на падините на Водно. Со инвеститорот (млад успешен менаџер) е усвоен концепт – просторот да поседува енергија на панк и сензибилитет на mainstreem jazz.
Дизајнираниот простор има гравитациона привлечност која може да ја осетат (вкусат) оние што таму престојуваат, независно од невообичаените принципи на судир на натур бетон, бродски кородиран лим, егзотично дрво, парчиња мебел, со расходовани столчиња, неон и флуо, Мазев, Манев, Бербер, Труикановиќ.
Како од опијат стануваш зависен од измешани енергии, елементите на просторот, кои низ процес на визуелна дестилација, формираат автентичен простор. Користејќи ги ефектите на различност, тематски се осмислени комбинации на утилитарно и естетско, по свои шеми и свои мерила. Објектот служи како визуелена рамка за функционирање на „мој-твој’“ простор.
Во таа содржина изместено од вообичаени стандарди, реализирани во процес на финализација, свесни за ефектот на конфликтност, добиен е ваков резултат. Конфликтноста, како своевидно дизајнерско приспособување, речиси да досега до димензија на имагинарно.
Во изведувачка перфекција, креираните облици се доведени до поставената цел – „мој“ простор. Реализираниот простор со субверзирана стратегија и визуелна игра, го афирмира урбаниот дух, дава слобода на избор и право на идентитет, што беше заедничка цел на инвеститорот и дизајнерот.
Изработил „Радо инженеринг“, Скопје
Фото: Андријана Тилиќ, дипл.инж.арх.