Точно 22 дена пред почетокот на Светското фудбалско првенство 2018 кое ќе се одржи во Русија отворен е новиот аеродром во Ростов на Дон. Во градот во рамки на првенството ќе се одиграат пет меча. Аеродромот е проектиран од британското архитектонско биро Twelve Architects.
Најголема атракција на аеродромот претставува импресивниот кров изграден од низа специфични лаци. Зградата е проектирана така да остава можност во иднина, доколку има потреба, да се прошири. Нови лаци без проблем можат да се додаваат на постоечката зграда со што ќе се добие поголема површина.
Од проектанското биро велат дека лаците можат да се земат како метафора на „небесен мост“ кој поврзува безброј градови и земји, што претставувало главна инспирација при проектирањето.
Три додатни лаци поставени надвор од терминалната зграда, претставуваат настрешница над платформата за пристигнување на патниците. Внатре во зградата, кровните лаци и осовинскиот кровен прозор со висина осум метри визуелно го делат просторот и создаваат јасна разлика помеѓу деловите за меѓународен и внатрешен сообраќај. Бели столбови се шират во цик-цак форма низ целиот терминал што делува мошне импресивно.
Интересна атракција на аеродромот претставува и вештачката река која го одделува терминалот од делот со железничка станица, паркинг и хотел. Инспирација за овој детал проектантите нашле во реката Дон, една од најголемите руски реки на која лежи Ростов.
Како што пишува Dezeen, студиото Twelve Architects најави дека ќе остане во Русија со оглед на тоа дека моментално работат на нов аеродром во Сибир.