--> -->
-->
Насловна / Архитектура / Аеродром кој го рефлектира минатото, сегашноста и иднината на Атина

Аеродром кој го рефлектира минатото, сегашноста и иднината на Атина

Нова страница во развојот на Меѓународниот аеродром во Атина се обликува преку проектот на конзорциумот Anemos, тим предводен од архитектонските фирми со седиште во Лондон, Grimshaw Architects и Haptic Architects, како и атинското K-Studio.

Архитектите преку соработка со компаниите Arup, Leslie Jones Architects, Triagonal и Plan A се впуштиле во проект на амбициозно проширување, со кој капацитетот на аеродромот ќе се зголеми од 26 на 40 милиони патници до 2032 година.

Со оглед на тоа што аеродромот ќе продолжи да функционира за време на изградбата, проектот во вакво активно опкружување ќе се реализира во фази.

И проширување и реновирање

Проектот ја почитува сопствената релативно понова историја. Оригиналниот аеродром изграден од фирмата Hochtief е отворен во 2001 година, пред Летните олимписки игри во 2004 година, на околу 20 километри од центарот на грчката престолнина.

Со предлогот на тимот се планира и проширување на аеродромот, како и негово реновирање. Поточно, се планира проширување на главниот терминал, а би требало да се унапреди и целата инфраструктура. Исто така, планирани се работи на салите за чекање, стојалиштата за авиони и продажните зони.

Како што наведуваат од мултинационалниот архитектонски тим, новиот проект не тежи кон тоа да го избрише она што веќе постои, туку да ја зајакне и збогати постојната состојба.

Инспирирани од духот на Атина

Проектот има за цел Меѓународниот аеродром во Атина, меѓу другото, да стане носител на историјата на градот, материјалната култура и животниот ритам на градот. Секако, прагматичниот распоред ќе обезбеди едноставност во користењето, но душата на проектот лежи во вниманието посветено на искуството на корисниците.

Со користење на природни материјали, интеграција на пејзажот и изобилство на светлина, проектот ја отсликува Атина како град изграден во текот на цел милениум, каде времето нежно се испреплетува со формата.

Одржливоста е уште еден важен фактор во формирањето на проектот за трансформација на Меѓународниот аеродром во Атина. K-Studio, Grimshaw и Haptic успеале да ја усогласат архитектурата со целите на AIA за нет зеро, како и со LEED Gold сертификацијата.

Пасивниот дизајн е комбиниран со материјали со низок јаглероден отпечаток, модуларни конструктивни техники и енергетски системи кои се ефикасни во однос на вода и отпад.

Фасада со колонади и ентериери со окулуси

Еден од позначајните елементи додадени на терминалната зграда е редефинираната западна фасада, која е воспоставена како ритмичка, колонадна фасада, дефинирана со шест скулпторски портали.

При влегување во внатрешноста на терминалот, издигнатото ниво на таванот овозможува салата за пријавување да се полни со светлина, а појачана е и интуитивната навигација во оној дел на аеродромот кој вообичаено е најстресен.

Со редизајнот на аеродромот исто така се воведуваат и два извонредни „окулус“ простори, кои служат како медитативни точки во однос на забрзаниот проток на патници низ терминалот. Северниот окулус, замислен како бујна, кружна медитеранска градина, достигнува висина од 24,5 метри и претставува простор за собирање.

Така, патниците кои слетуваат, при влегувањето во просторот на аеродромот се сретнуваат со зелен микрокосмос. Јужниот окулус, од друга страна, има поинтимен тон и има скалести тераси и простори за ручавање.

„Атина е спектакуларен град кој доживеа огромен пораст на бројот на посетители во последната деценија, што е многу повеќе од она што сегашниот аеродром може адекватно да поддржи“, изјави Ендрју Томас, партнер во Grimshaw Architects, додавајќи:

„Реагирајќи на овој предизвик, бевме возбудени што можевме да работиме на проектот за Меѓународниот аеродром во Атина, за да создадеме храбра нова визија што ја задржува и обновува постојната зграда на терминалот, притоа додавајќи низа нови проширувања, создавајќи единствена нова архитектонска целина. Нашиот проект е инспириран од градот и создадовме аеродром кој го рефлектира минатото, сегашноста и иднината на Атина, и ја слави нејзината архитектура, гостопримство и култура“.

Испрати коментар

Scroll To Top