Се претпоставува дека најмалку 80 проценти од подземните води се наоѓаат во западниот дел на земјата, а 20 отсто во источна Македонија.
Имајќи ја предвид фактичката состојба со богатите наоѓалишта на подземни води, наскоро ќе биде изготвен Катастар за подземни води на Македонија, кој ќе помогне во натамошните активности за искористување на подземните води, како извор на вода за пиење, но и како обновлив извор на енергија, пишува Телеграф.
„Во соработка со УНДП и со грант од Швајцарија, до крајот на оваа година ќе започнеме со реализацијата на проектот за изработка на Катастар на подземни води. Треба да имаме предвид дека станува збор за капацитет од огромно значење за нашата држава. Подземните води што ги имаме во нашата земја, претставуваат дополнителен извор за водоснабдување до сите корисници, а исто така може да се искористат и во други цели, особено како обновлив извор на енергија“, објаснува Соња Лепиткова, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање.
Според истражувањата на геологот Златко Илијовски, најголемите резерви на подземни води на територијата на Р. Македонија, се наоѓаат во седиментите на реката Вардар, кои се застапени во источниот дел на територијата на градот Скопје, поточно во населбите Аеродром и Лисиче.
И населбите Илинден и Петровец, кои се во близина на Скопје, лежат на големи извори на подземни води.
Како што тврди Илијовски, заштедата на енергија во однос на класичните системи за греење и ладење е околу 40%. Во светот ваквите системи за греење и ладење се многу застапени, а кај нас по овој принцип има изградени системи на повеќе објекти.
Според него, Скопје има голем потенцијал за искористување на подземните води за ваква потреба. Затоа, вели тој, за потребите на градот Скопје, постои веќе и изработена студија за искористување на подземните води за наводнување на зелените површини и за климатизација на објектите.