Насловна / Архитектура / Акустично ремек-дело

Акустично ремек-дело

sibelius-thumb.jpgВо градот Лахти, во јужна Финска, се наоѓа една од десетте најдобри концертни сали за снимање на носачи на звук. Ова го овозможува одлично проектираниот објект и изборот на материјали кои се користени во градбата. Концертната сала е наречена "Сибелиус хол", во чест на големиот фински композитор Јан Сибелиус.

Оваа сала е дом на Филхармонијата на Лахти, која со бројните успеси во земјата и во странство заслужила објект кој ќе овозможи беспрекорен звук и ќе понуди вистинско уживање во симфониските мелодии. Уште при влезот во објектот неминовно се забележува употребата на дрво во речиси секој негов дел. Природниот и топол допир на дрвото веднаш ги плени сите сетила и дава чувство на пријатност и добродојденост. Како реновирана стара фабрика – пилана, концертната сала е пуштена во употреба во март 2000 година и претставува пример за иновативни решенија во употребата на дрвото како конструктивен материјал. Основната инспирација и извор на креативноста на архитектите Хану Тика и Кимо Линтула е мистичната финска шума, која се забележува уште при влезот, во фоајето. Долгата историја на пиланата, која датира од пред 130 години, била само уште една причина повеќе за да биде избрано дрвото како основен материјал за изградба на новиот објект. 

sibelius-1.jpg

Сo поддршка на финската дрвна индустрија, a со цел да се промовираат иновативни дрвни градежни решенија, објектот "Сибелиус" e избран како главен проект за кампањата "Година на дрвото 1996" уште во фазата на проектирање. За време на нејзината изградба, концертната сала се смета за предводник во дрвните градежни конструкции, а по нејзиното комплетирање, за тоа време, претставува најголем јавен објект од дрво во Финска изграден во последните 100 години. Објектот "Сибелиус" има зафатнина од 90.000м3, а е составен од четири главни делови: Концертна сала, Реновирана столарска фабрика, Фоаје и Конгресно крило. Дрвото како конструктивен материјал е застапено во сите делови. Главните конструктивни компоненти се од лепени ламелирани носачи од дрво, додека фасадата на Концертната сала е составена од сендвич панели од фурнирани плочи исполнети со песок и стаклена "завеса", која е во допир со надворешноста. Интересно е да се каже и тоа дека димензиите на ѕидните елементи се 9 м во ширина на 1,8 м во висина, дебелината на ѕидот е 30 см, додека нивната тежина достигнува 5.000 кг. На прв поглед, веднаш се забележува и искривеноста на ѕидовите на салата. Овој состав на материјали и начин на конструкција е избран со цел да се направи што подобра звучна изолација. Искосениот ѕид од 30 см, кој е составен од панели исполнети со песок, постигнува звучна изолација од 63dB, што е супериорно во споредба со 20 см бетонски ѕид. Стаклената "завеса" постигнува дополнителни 32dB звучна изолација.

КОНЦЕРТНА САЛА

Концертната сала претставува акустично ремек-дело, во кое во потполност се ужива во концертната музика. Акустичната флексибилност се постигнува со висечки балдахини кои можат да се подигнуваат или спуштаат, во зависност од видот на музиката и ефектот што треба да се постигне во салата. Исто така, и 188 дрвени врати кои се наоѓаат по должината на ѕидовите се отвораат и затвораат, со цел да се постигне посакуваната акустика во салата. Зад овие врати се наоѓа мембрана направена од волна во должина од 2,7 км, а потоа накосени плочи полнети со песок. 

sibelius-2.jpg

Балдахинот се состои од три дела. Централно, првиот дел е во форма на круг, додека двата други дела се полукружни обвивајќи го кругот. Тие можат да се поместат на различни висини, а се опремени со одбивачки површини, светла и гласни звучници. По површина балдахинот зафаќа скоро половина од целата концертна сала. Заедно со сите конструктивни додатоци, механизмот и опремата, тој тежи 30 тони. Главната функција на балдахинот е да го контролира звукот во салата. Така на пример, за рок концерт би бил подигнат највисоко, додека за камерна музика се спушта ниско во близина на оркестарот. Неговото поместување се прави компјутерски, чии контроли се поставени зад главната сцена.

Рефлектирачките површини на балдахинот се направени од ламелирани фурнирани плочи од дрво. Во фазата на проектирање на концертната сала е предвидено и место за оргули. Тие се поставени во 2007 година. Во ентериерот во целост e употребено дрвото. На подот има паркет кој е направен од бреза (Betula sp.), термички обработена и премачкана со маслен премачкувач. На балконите и кај балдахинот, пак, се употребени фурнирани плочи од бреза, а ротирачките акустични врати се направени исто така од фурнирани плочи од дрвото смрча (Picea sp.) што е познато по одличните акустични својства. 

sibelius-3.jpg

Салата, покрај концертите, претставува и одличен простор за конференции или приватни веселби за кои секако е потребен различен акустичен амбиент. Kонцертната сала има вкупно 1.250 седишта, од кои 650 се на приземјето, 430 на првиот балкон, додека 150 седишта има на вториот балкон. Салата e долга 51 м, широка 36 м, а висока 22 м. Интелегентното проектирање на внатрешноста овозможува од секое столче одлично да се гледа сцената и да се слуша музиката.

ФОАЈЕ

Фоајето чија површина е 1.000 м2 претставува срцето на целиот објект и е просторија која ги поврзува стариот дел на фабриката и новата концертна сала. При влезот во објектот веднаш се забележува главната инспирација на архитектите. Конструкцијата се состои од лепени ламелирани дрвени столбови од бор (Pinus sp.) кои треба да ги симболизираат високите фински борови шуми. Низ гранките на дрвjата се наѕираат светла распоредени во група на соѕвездија, онака како на денот на раѓањето на големиот фински композитор Јан Сибелиус. Ова ѝ дава дополнителeн шарм и убавина на просторијата. 

sibelius-4.jpg

Високата стаклена фасада ја пропушта природната светлина во внатрешноста, и овозможува нејзина поврзаност со прекрасниот надоврешен амбиент покрај езерото Весијарви. Амбиентот на фоајето, и покрај неговата големина, создавa пријатно чувство на интимност и топлина. Просторот е проектиран така што ги абсорбира сите звуци. Тука можат да се организираат и мали концерти, банкети и други културни манифестации.

РЕКОНСТРУИРАНА СТОЛАРСКА ФАБРИКА

Во стариот дел од фабриката, таканаречена столарска фабрика, просторот е адаптиран за повеќе активности. Тука се предвидени деловните простории, просториите за вежбање на музичарите и рестораните. Овој дел од фабриката претставува еден од најстарите индустриски градби во градот Лахти, изграден во 1908 година. Во периодот кога фабриката работела, во овој простор сe преработувало дрвото за производство на хартија. Со реконструкцијата е изградена и сауна за посебни гости со капацитет за 25 луѓе. До неа има заедничка просторија за освежување по топлата сауна, мала кујна и просторија за пушење. Во овие простории дрвото секаде се употребува како решение за ентериерот, а како дрвни видови се употребуваат: топола (Populus sp.), бреза, смрча и бор.

КОНГРЕСНО КРИЛО

Конгресниот центар, како посебна зграда, е поврзан со останатиот дел од објектот со стаклен премин, и овозможува воодушевувачки поглед кон езерото Весијарви од секоја просторија. Како конструктивно решение и тука се употребуваат лепените ламелирани носачи од дрвото смрча, ѕидовите се обложени со фурнирани плочи од борово дрво, додека подот е од брезови бичени елементи. 

sibelius-5.jpg

Петте конгресни простории од овој блок се наречени по имињата на петте делови од опусот 75 на Јан Сибелиус наречен "Дрва" и тоа: "Топола" (96 м2, 4,5 м височина и капацитет од 80 гости), "Бор", "Оскоруша" (Sorbus sp.) и "Бреза" (секоја по 42 м2, 3,5 м висина и капацитет од 20 гости) и "Смрча" (површина 196 м2, 4,5 м висина и капацитет од 150 гости). По големото отворање на "Сибелиус Хол" на 9 март 2000 година, заради неговите акустични квалитети привлекува големо внимание во светот. Во 2006 година од страна на англиското списание "Британс грамофон магазин", концертната сала се издвојува во најдобрите пет сали во светот. Додека "Сиднеј морнинг хералд" ја става на својот список од десет најдобри сали во светот заедно со "Карнеги Хол" и "Берлинската Филхармонија".

Испрати коментар

Scroll To Top