Република Македонија се одликува со добро развиена патна мрежа во вкупна должина од 13.940 km, вклучувајќи автопатишта, магистрални, регионални и локални патишта. Главни оски на државната патна мрежа претставуваат двата Пан-европски коридори, Коридор VIII (исток – запад) и Коридор X (север – југ).
Регионалните патишта обезбедуваат пристап до главните патни коридори и магистралната патна мрежа и заедно со локалните патишта се од големо значење за развојот на локалната економија, привлекувањето на нови инвестиции, мали бизниси и земјоделски активности низ земјата. Согласно важечката легислатива, Агенцијата за државни патишта е орган одговорен за управување, изградба, реконструкција, одржување и заштита на државните патишта во Република Македонија. Финансиските средства главно се обезбедуваат од буџетот на Република Македонија, како и преку заеми од меѓународни финансиски институции. Во изминатите 15 години поголеми инвестиции и внимание беа посветени на меѓународните патни коридори и магистралните патишта, што не беше случај со регионалните и локалните патишта, на кои не е преземено позначително инвестиционо одржување, што доведе до нивно постепено оштетување.
Со оглед на големата густина на сообраќај на регионалната и локалната патна мрежа и влошената состојба на овие патишта, Владата на Република Македонија, преку Агенцијата за државни патишта, пред три години започна Програма за поддршка на проектот за регионални и локални патишта во Република Македонија, за период 2008-2012, финансиран со средства преку заеми од Светска банка (СБ) во висина од 70 милиони евра и Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 50 милиони евра. Во рамките на оваа Програма, опфатена е реконструкција и рехабилитација на 290 км регионални патишта и 440 км локални патишта (со заемот од СБ) и 165 км регионални патишта и 201 км локални патишта (со заемот од ЕБОР).
Во моментот, вкупната должина на патната мрежа во државата изнесува 13.940 km, од кои 251 km се класифицирани како автопатишта, 911 km се магистрални патишта, 3.771 km регионални, а 9.258 km се локални патишта, прикажано во табела 1. Патната мрежа претставува добра почетна основа за понатамошен развој на државата.
Како во другите земји, така и во Република Македонија, патниот транспорт има најголемо учество во вкупниот превоз на стока и патници. Во структурата на превозот на стока која се транспортира по патиштата низ Република Македонија, националниот превоз доминира над меѓународниот и транзитниот превоз. Исто така, патниот превоз доминира над железничкиот превоз.
Вo основа, постојната патна конструкција е цврста и со добар квалитет. Магистралните патишта, особено автопатиштата се во подобра состојба отколку оние што се од второстепено значење. Како најлоши можат да се проценат условите во кои се наоѓаат регионалните патишта со помал интензитет на сообраќај, кои немаат соодветни геометриски, возно- динамички, конструктивни и сообраќајни карактеристики и не ја оправдуваат класификацијата како регионални патни правци.
ЗАЕМ ОД СВЕТСКА БАНКА Република Македонија се одликува со релативно добро развиена патна мрежа, но сепак состојбата на еден значителен дел од регионалните патишта е далеку под европските стандарди. Некои од регионалните, но и локалните патишта се изградени пред околу 20-30 години и оттогаш на овие патишта не е преземено никакво посериозно инвестиционо одржување. Во Националната транспортна стратегија која е донесена пред околу 4 години се укажува на неопходноста од инвестирање во патната мрежа, пред сè во насока на подобрување на комуникацијата, економскиот развој и безбедноста во сообраќајот. Овие инвестиции, покрај изградбата на нови патишта, треба да се насочат во одржувањето и реконструкцијата на постоечката инфраструктура. Токму ова е една од причините што Владата на Република Македонија отпочна инвестициски циклус преку повеќегодишен проект за подобрување и модернизација на регионалната и локалната патна мрежа. За таа цел, потребните финансиски средства ги обезбеди преку заем од Светска банка во висина од 70 милиони евра. Идејата и главната цел на овој проект е реконструкција и рехабилитација не само на регионалните патишта кои се во надлежност на државата, туку и подобрување на локалните патишта, за кои половина од овие средства се наменети токму како поддршка на општините. Со реконструкција/рехабилитација на регионалните и локалните патишта ќе се намалат трошоците за пристап до пазарите и услугите за општините опслужувани преку овие патишта. Проектот е предвидено да се реализира во период од пет години, односно да биде целосно завршен во 2013 година. Улогата и одговорноста на Агенцијата за државни патишта е севкупен проектен менаџмент и мониторинг, спроведување на јавните набавки, вршење надзор за време на изведување на работите и финансиски менаџмент.
Пред започнување со реализација на проектот беше изработен стратешки документ за животна средина од кој произлезе дека за секој регионален и локален пат согласно Законот за животна средина е потребно да се изработи елаборат за животна средина кој содржи план за управување и мерки за ублажување на влијанијата врз животна средина. Во рамки на проектот се дефинирани три компоненти: Првата компонента се однесува на рехабилитација и реконструкција на најоштетени делници од 11 регионални патни правци во вкупна должина од 290 км, за што се предвидени 34 милиони евра. Обврска на Агенцијата за државни патишта е избор на патни делници, техничка подготовка и спроведување на јавните набавки. Втората компонента се однесува на реконструкција на локалните патишта кои се во надлежност на општините, но поради недостаток или ограничените извори на финансиски средства овие патишта се прилично запоставени. Од овие причини преку оваа Програма Владата обезбеди 34 милиони евра како поддршка на локалните самоуправи. Обврска на Агенцијата за државни патишта е прегледување, одобрување на проектите доставени од општините и подготовка на тендерска документација.
Третата компонента се однесува за институционална поддршка на Агенцијата за државни патишта за што се предвидени 2 милиони евра.
РЕКОНСТРУКЦИЈА НА РЕГИОНАЛНИ ПАТИШТА
Во текот на 2008 година беа отпочнати постапките за избор на изведувач за реконструкција на 11 најоштетени регионални делници. Постапката се реализираше во 11 посебни лотови, при што беа избрани три градежни компании за изведување на работите. Градежните активности на терен отпочнаа на почетокот на 2009 година.
Листа на регионални патишта опфатени со Проектот финансиран со средства од заем од СБ:
Р – 104 Илинден – Калуѓерец 19,0 км
Р – 105 Ржаничино – Св. Николе 35,5 км
Р – 107 Лакавица – Неготино 33,5 км
Р – 110 Давидово – Раброво 13,5 км
Р – 206 Страцин – Пробиштип 26,3 км
Р – 418 Струга – Дебар 24,2 км
Р – 505 Макази – гран. со Грција 37,5 км
Р – 513 Прилеп – Мак. Брод 37,0 км
Р – 516 Прилеп – Кривогаштани 22,0 км
Р – 527 Превалец – Смојмирово 13,6 км
Р – 604 Струмица – Дојран 24,7 км
Во моментов е завршена реконструкција на сите 11 регионални патишта.
Графички приказ на активности на Р – 105 Ржаничино – Свети Николе:
РЕКОНТРУКЦИЈА НА ЛОКАЛНИ ПАТИШТА
Преку овој проект како поддршка на општините за развој на локалната патна инфраструктура, се обезбедени средства на износ од 34 милиони евра. Како што е споменато погоре, состојбата на локалните патишта не е на некое завидно ниво. Имено, сè уште постојат голем број земјани патишта по кои, особено во зимскиот период, движењето е ограничено, а на одредени места и скоро невозможно. Имајќи ги предвид лимитираните буџети на локалните самоуправи, очигледен е фактот дека е неопходна инвестиција за подобрување на локалната патна инфраструктура. Формулата за распределба на средствата од заемот на Светска банка по општини е усвоена во согласност со ЗЕЛС (Заедница на единици на локална самоуправа) и за секоја општина средствата се алоцирани согласно следниве критериуми:
број на население (со 35 %)
површина на општината (со 35 %)
број на населени места (со 20 %)
должина на локалната патна мрежа (со 10 %)
Во Агенцијата за државни патишта досега се доставени вкупно 300 проекти од 82 општини. Радува фактот што за овој проект постои голем интерес кај општините, особено поради тоа што со распределените средства навистина ќе може да се подобри состојбата на значителен дел од локалната патна мрежа. Но, треба да се напомене дека не може да се очекува реализација на сите доставени проекти, бидејќи праксата покажува дека некои од проектите се изработени неквалитетно, со што не се исполнуваат потребните критериуми или пак на општината не и преостануваат средства за оваа намена доделени од Светска банка. Доколку општините не можат да ги реализираат своите проекти со заемот од Светска банка, а имаат доставено соодветни проекти, нивната реализација ќе биде овозможена преку заемот од ЕБОР. Во моментов е завршена реконструкција на 82 локални патишта во 45 општини во вкупна должина од 180 км.
ЗАЕМ ОД ЕБОР Со средствата обезбедени од Европската банка за обнова и развој планирано е да се реконструираат/рехабилитираат дополнителни 7 регионални патишта и околу 200 локални патишта. Градежните активности на терен започнаа оваа година, и за регионалните и за локалните патишта. Листа на регионални патишта опфатени со Проектот финансиран со средства од заем од ЕБОР:
Р- 418 Струга – Дебар 27,0 км
Р-606 Радовиш – Конче – Лубница23,0 км
Р-610 Ангелци – Вељуса 4,0 км
Р-509 Маково – врска со Р-109 (Манастир) 16,0 км
Р-109 Витолиште – Мајден – мост на р.Бистрица- – Св. Петар – Мрежичко – Мушов Гроб 30,0 км
Р-109 Демир Капија – Крњево – Мушов Гроб 20,0 км
Р-108 Кавадарци – Мушов Гроб 16,5 км
При реализацијата на проектите преку заемите од СБ и ЕБОР, посебно внимание се посветува на спроведувањето на Законот за животна средина и Постапката за оцена на влијанието на проектите врз животната средина. Согласно барањата на банките, но и националната законска легислатива, за секој поединечен регионален и локален пат беше спроведена постапка за оцена на влијанието врз животната средина и изработка на соодветен документ – Елаборат за заштита на животна средина одобрен од Министерството за животна средина и просторно планирање, кој ги содржи потребните информации и мерки (План за заштита на животна средина и Мерки за ублажување на влијанието врз животната средина). Предложените активности се преземаат за време на изведување на градежните работи со цел намалување влијанието од реконструкцијата/рехабилитацијата на патиштата врз животната средина.
ИСКУСТВА Имплементацијата на целокупниот проект за нас претставува вистински предизвик и позитивно искуство, особено во делот на реконструкција на локалните патишта, со оглед на тоа што тие не се во надлежност на Агенцијата за државни патишта.
Генералната слика од досегашната реализација на проектот е позитивна, но сепак во текот на работата констатиравме дека има одредени недостатоци, особено при имплементацијата на втората компонента – реконструкција на локалните патишта. Во таа насока посебно треба да се нагласи дека прв чекор за отстранување на недостатоците е подобрување на квалитетот на изработка на проектите. Уште на самиот почеток, односно при аплицирањето со проектите беа констатирани голем број недостатоци кои главно се однесуваа на нереални предмер-пресметки, што од една страна, во следните фази на реализација е мошне значајно за самите општини во смисла на планирање на средствата за проектите што следуваат, но од друга страна е битен фактор за квалитетно изведени градежни работи. Притоа, се доби впечаток дека можеби проектантот и воопшто не излегол на терен при изработката на проектната документација од причина што значителен дел од проектите не соодветствуваа со реалната состојба на терен – поради ова се препорачува задолжително да се изврши теренски увид на трасата уште пред да се започне со подготовка на техничката документација.
Втор сегмент на кој треба во иднина да се обрне поголемо внимание е навременото планирање на активностите на општините. Тука се мисли на усогласување на нивните други планирани проекти кои се поврзани со изведбата на градежните работи на локалните патишта. Во одредени општини се соочивме со ситуации каде самите градоначалници бараа да се пролонгира динамиката на изведба на нивните проекти, од причина што во тој период поставуваа канализација и водоводи на локациите кај локалните патишта. Овие се можеби најбитните фактори кои придонесуваат за целокупното пролонгирање на динамиката на реализација на проектот.
Препорака е да се зголеми капацитетот на помалите општини во однос на човечки ресурси, односно да се има барем по еден вработен од сите области на техниката и градежништвото.
Имајќи го предвид горенаведеното, за реализација на заемот преку ЕБОР е ангажиран консултант, кој врши детална проверка на доставената техничка документација. Со спроведувањето на законите, активностите и мерките во делот на животната средина, посебно со реализација на овие проекти, беше воспоставена практика на третирање на оваа проблематика и подигнување на свеста на сите чинители во овој сектор за континуирано следење на состојбата и влијанието на активностите на патиштата врз животната средина.
Неџат БАЈРАМИ, Магдалена СТОЈАНОВА, Игор МИТРЕНЦЕВ, Сашка БОГДАНОВА, Неџат Бајрами дипл.град.инж., Агенција за државни патишта, Даме Груев бр. 14, Скопје, Република Македонија e-mail: [email protected]
Магдалена Стојанова дипл.град.инж., Агенција за државни патишта, Даме Груев бр. 14, Скопје, Република Македонија e-mail: [email protected]
Игор Митренцев дипл.град.инж., Агенција за државни патишта, Даме Груев бр. 14, Скопје, Република Македонија e-mail: [email protected]
Сашка богданова дипл.инж.жив.сред., Агенција за државни патишта, Даме Груев бр. 14, Скопје, Република Македонија