На годишно ниво се случуваат повеќе од милион земјотреси, но повеќето од нив се толку мали што не можеме да ги осетиме. Покрај тоа што земјотресите можат да се случат каде било, има одредени локации каде што шансите за јак земјотрес се многу големи. Бројот на жртвите од земјотреси во целиот свет е многу голем, а голем процент од нив се случуваат од срушени градби.
Однесување на дрвните конструкции при земјотреси
Инерцијалните сили, кои се јавуваат како резултат на земјотресот, предизвикуваат најголеми напони во кровниот дел и катовите каде што масата е најголема. Силите што се јавуваат во овој дел, треба да ги издржат ѕидовите и целата конструкција, која мора да биде добро поврзана со темелите. Следните неколку компоненти се круцијални кога зборуваме за сеизмички сили:
– Прицврстување на конструкцијата со темелите – Јакост и еластичност на ѕидовите – Јакост и добра поврзаност на хоризонталните меѓукатни конструкции и кровот – Цврсти врски на конструктивните елементи
Јакост и крутост
Бочните сили кои се јавуваат како резултат од земјотресите, кога дејствуваат на ѕидовите, тие имаат тенденција да се искривуваат странично. Затоа добро прицврстените потпорни и преградни ѕидови имаат многу важна улога во стабилизирањето на градбата. Ѕидовите што се конструирани со ОСБ плочи се многу ефективни во ова стабилизирање. Во регионите каде земјотресите се честа појава, потребната крутост на ѕидовите се постигнува со зголемување на дебелината на конструктивните панели и со зголемување на бројот на конструктивните врски и металните конектори.
Еластичност
Во споредба со другите градби од бетон и тула, кои треба вешто да се проектираат за да ги издржат сеизмичките сили, може да се каже дека дрвните конструкции се поеластични. Еластичноста е способност на конструкциите да издржат одредена деформација без да настане трајно оштетување (рушење, колапс и слично). Препорачливо е градбите да имаат одреден еластицитет кога се изложени на сеизмички сили. Многубројните врски помеѓу дрвените столбови во конструкциската рамка кај ѕидовите овозможуваат ефективна еластичност.
Тежина
Дрвните конструкции се лесни. Просечно може да се каже дека бетоската конструктивна градба е до 7 пати потешка од лесните дрвни конструкции. Бидејќи силите што се јавуваат како резултат на земјотрес се правопропорционални со тежината на градбата, може да се каже дека кај добро конструираните дрвни конструкции можеме да очекуваме одлични резултати во трусни подрачја.
Конструктивни врски
Конструкции кои се изградени од тешки конструктивни елементи често се проектирани од помалку конструктивни елементи и врски. Доколку при земјотрес попушти еден од елементите или една од врските, товарот што другите елементи би требало да го преземат би бил преголем. Типичната дрвна конструктивна градба е составена од стотици конструктивни елементи и илјадници врски. Ова значи дека доколку настане мана кај еден конструктивен елемент, останатите можат да компензираат за недостатокот. Покрај издржливоста на ѕидовите во однос на бочните сили, при проектирање треба да се обрне внимание, исто така, и на други извори на опасност. Во кој и да е случај градбата мора да биде соодветно прицврстена за темелите. Конструктивните врски помеѓу ѕидовите, меѓукатните констукции и кровната конструкција, ја прават целата градба една конструктивна целина и тоа е секако многу важно при закана од земјотреси.
Фокус на земјотрес
Земјотресите се случуваат како резултат на придвижувањето на тектонските плочи. При помрднување на плочите се ослободува енергија, која се манифестира на површината во вид на сеизмички бранови. Точката меѓу двете плочи каде што енергијата се ослободува се вика фокус на земјотресот, додека точката над фокусот на површината на земјата се вика епицентар на земјотресот. Јачината на земотресот се мери со помош на Рихтеровата скала. Доколку има некоја градба блиску до епицентарот, може да дојде до сериозно оштетување заради пореметување на земјата кај темелите. Но сепак, во најголем број случаи оштетувањето на градбите се случува од сеизмичките бранови, коишто се шират преку земјината површина. Кога движењето на земјата е доволно силно ги придвижува и зградите. Земјотресот ги движи темелите, но горните катови остануваат во првичната позиција. Доколку движењето на земјата е со мала сила, градбата може да го издржи тоа движење и да не дојде до оштетувања, но кај земјотресите честопати се јавуваат силни земјени движења. Силите што се јавуваат во градбата зависат од тежината на градбата и забрзувањето на сеизмичките бранови. Внатрешните сили се многу поголеми кај потешки градби, а исто така силите се посилни кај посилни земјотреси.
Александар Черепналкоски,
дипл.инж. по дрвна индустрија