Шестотини милиони американски долари ќе чини изградбата на еколошкиот облакодер што деновиве почна да се гради во нискиот дел на Менхетн. На адресата 50 Вест Стрит до 2011 година треба да никне извонредна зграда на 65 ката, во која ќе има апартмани, простории за трговија, хотел и сали за конференции. Облакодерот има површина од 580.000 квадратни стапки, а кога ќе биде дограден треба да го добие златниот ЛИД (LEED) сертификат.
Зградата е дизајнирана од познатиот архитект Хелмут Јан, а проектот е развиен од “Time Equities Inc.“, од Њујорк. Еколошки одржливите технологии се дел од оваа градба, вклучувајќи тука зелен покрив, ефикасно водоснабдување, автоматски светла и контрола на енергијата. Кулата ќе биде “облечена“ во енергетски-ефикасно стакло кое максимално го зголемува искористувањето на природната светлина и претставува филтер за УВ зраците. Ќе се рециклира целиот градежен отпад, а градежите материјали ќе бидат одржливи и брзо обновливи, информираат изведувачите.
– Адресата 50 Вест Стрит ќе ја одбележ и одржливиот дизајн, напредните технологии, граничната архитектура и обврската кон општеството – вели Филип Гези, директор во “Time Equities“.
Еколошката купа ќе содржи 240 станбени единици, 150 единици за хотел и трговија, како и 2.500 квадратни стапки за деловни простории и сали за состаноци.
Градителите од “Time Equities“ се обврзале да донираат 4,6 милиони долари во Одделот за домување и во Фондот за развој на домувањето во Менхетн, 350.000 долари на Бордот за образование на Њујорк за Центарот за вселенски науки, како и 430.000 долари на локална полициска станица за програмата за компјутери.
Објавено во број 90.