Насловна / Форум / Визуелизацијата ги интегрира поединците во системот

Визуелизацијата ги интегрира поединците во системот

Д-р Косто Мангароски, професор на Архитектонскиот факултет

 

Создавањето на компјутерски генериран модел на централното подрачје ќе создаде реална визуелна слика на градот Скопје.

Презентацијата на визуелизацијата на проектот “Скопје 2014” претставува визуелно изразување со најсовремени технички средства, кое транспарентно ги претставува конкурсните решенија, го интегрира секој поединец во општествениот систем и поттикнува дијалог. Се создава специфичен општествен контекст на директно инволвирање во создавањето на простор за културна социјализација и интеграција.  


Во тој контекст, уште пред десетина години како професор на предметите Компјутерско проектирање и 3Д-моделирање на Архитектонскиот факултет во Скопје, имав идеја за изработка на 3Д-модел и визуелизација на централното градско подрачје на градот Скопје, што ја дадов како предлог до Наставно-научниот совет на Архитектонскиот факултет за изработка на дипломска работа. Во тридимензионална матрица со претстава на постојните објекти во централното градско подрачје би се вметнувале новопредвидени објекти и така би се тестирал нивниот изглед во постоечката ситуација. Во тоа време, овој предлог беше неоправдано одбиен со образложение дека ова не било предмет на интерес на дипломските работи на студентите на Архитектонски факултет. Меѓутоа, се покажа дека овој став е актуелен, апликативен и потребен како современ начин на визуелизација и презентација.


Предлагам да се воведе нова методолошка постапка со генерирање на компјутерски модел на градот Скопје, создавање на база на податоци за евалуација и валоризација при инкорпорирањето на секој новопредвиден објект, тестирање на неговиот изглед и неговото амбиентално вклопување во околната средина. Сметам дека на секој иден конкурс како подлога треба да се добие тродимензионално, компјутерски генериран приказ на околните објекти во кои би се вметнувале новопроектираните објекти. Со постепена надоградба би предложил прво да се направи целосен компјутерски модел на зградите во центарот на Скопје, а понатаму и на целиот град,  што ќе даде пореална визуелна слика за соодносите и волумените на објектите во него.
Визуелизацијата, анимацијата, виртуелната реалност претставува универзален јазик, изразен со најсовремени технички средства, кој транспарентно ја претставува идејата, помага во интеграцијата на секој поединец (без оглед на стручноста, квалификациите, конфесионалната припадност, возраста,  професијата и сл.) и поттикнува дијалог. Токму овој дијалог е израз на денешното демократско општество во кое градот делува како специфичен општествен контекст во кој граѓаните се директно инволвирани во процесот на создавање на место, инспиративно, атрактивно, место за социјализација и интеграција.  
Визуелизацијата на “Скопје 2014” како еден современ метод досега никогаш не била применувана за претставување и уредување на централното градско подрачје. Досега, во уредувањето на градот Скопје немало толкава транспарентност и тоа завршувало во кабинетската работа на некои поединци. Обидот преку компјутерска анимација транспарентно да се прикажат објектите го поздравувам, но со неколку забелешки. Лично сметам дека е потребно да се доработи глобален, компјутерски, генериран модел за претставување на урбаните целини во Скопје врз основа на релевантни податоци. 
Визуелизацијата “Скопје 2014” по својата структура практично претставува монтирана анимација (реализирана од фирмата FX3X), на начин на кој со снимање со камера на постоечките објекти во централното градско подрачје, филмски се вметнуваат и монтираат дводимензионалните слики на зградите. Инкорпорирањето на дводимензионални слики на тродимензионално снимен приказ на објекти предизвикува нереален, визуелен и перспективен приказ во анимацијата. Сметам дека доколку архитектонските објекти беа нацртани со третата димензија, ќе се добиеше многу пореален нивен приказ во јавноста. Скулптурите со постаментите во презентацијата се тродимензионално претставени, со дополнителната снимка со ротација, со разбирлива недоволна прецизност при приказот на деталите. Во визуелизацијата одредени објекти се претставени со претпоставен изглед, кој при реализацијата може да се измени, во зависност од наградените решенија на идните конкурси кои ќе се распишат, а истото се однесува и за понудените изгледи на фасадите на постоечките објекти.
Министерството за култура распиша повеќе меѓународни конкурси за реализација на голем број капитални проекти од државен интерес кои треба да ја афирмираат македонската историја и култура, во нејзиното презентирање во светски рамки. Обновувањето и реализацијата на овие објекти беше предвидено во Деталниот план за Малиот ринг од 1997 година. Тие конкурси беа од отворен карактер и на нив учествуваа многу колеги архитекти. За мене лично беше предизвик да одговорам на проектните барања на некои од овие конкурси. Сметав дека како архитект имам должност да придонесам со активно учество на овие конкурси. 


Концептот за “Скопје 2014” предвидува задржување и реализација на одредбите од ДУП од 1997 година кој до денес не е променет, со кој се предвидуваше обнова на изгубениот идентитет на град Скопје, односно обнова на Стариот театар, обнова на Офицерскиот дом, Банката и други објекти изгубени во земјотресот, а кои претставувале обележје на град Скопје.  Градот Скопје во земјотресот во 1963 година го изгуби идентитетот, препознатливоста и неговата историска архитектонска матрица, кога се урнаа голем број од објектите во централното градско подрачје.


Дебатата кај архитектите, за тоа дали во централното подрачје треба да има комерцијални објекти или обновување на старите градби, постоела отсекогаш. Многу архитекти и урбанисти имале предизвик за враќање на загубениот идентитет на центарот на Скопје. Пораките од минатото секогаш претставувале незаменлив фактор за континуитет во иднината. Потребна е позитивна, креативна енергија за да се реализира одредена архитектонска визија. Продуктивноста на архитектите ќе се отслика преку нивното активно учество со проекти и визии на распишаните конкурси и вклучување во изградбата и обновувањето на градот Скопје.

Испрати коментар

Scroll To Top