Насловна / Архитектура / Дигитално- архитектонски хибрид

Дигитално- архитектонски хибрид

hinrid-3.jpgTранзиционалниот период на реструктурирање на социјалните мрежи во
глобализираното општество резултира со различни архитектонски
експерименти со нов тип на односи и процеси на размена, поддржани од
интерактивни медиумски алатки. Содржините на медиумските фасади и
дигиталните подвижни слики во јавниот простор стануваат истражувачка
визуелна зона на урбаните средини.

 

Медиумската архитектура е хибрид кој го комбинира дигиталниот простор од една страна, и архитектурата и урбаниот простор од друга. Врската помеѓу физичкиот и дигиталниот свет станува јавна и достапна не само за поединци, туку и за групи или цели урбани популации. Со најновите технички достигнувања таа дозволува дури и интеракција со фасадата или дизајнирање на нејзината содржина. Динамичните елементи во таа смисла, ја оформуваат архитектурата на начин кој не е само носител на новата медиумска технологија, туку и самата станува медиум.

 

hinrid-1.jpg

 

МЕДИУМСКА СОДРЖИНА И ОБЈЕКТ

 

Интеграцијата е витална точка во осознавање на медиумската архитектура – просторните и медијалните структури се преклопуваат за еволвирање на комуникативните процеси кои се случуваат не само на фасадата, туку и во внатрешноста, во јавната сфера околу објектот и финално (просторно независно) во електронските медиуми. Во случајот на проектот за објектот на ‘Uniqua’ во Виена, успешна интеграција е постигната кога објектот е веќе изведен, а медиумската фасада е дизајнирана и инсталирана подоцна.

 

Дваесеткатната застаклена зграда, проектирана од архитектот Хајнц Њуман, презентира уникатна ЛЕД инсталација од повеќе од 180.000 пиксели. Адаптибилниот свет на слики на апстрактни и репрезентативни мотиви ја оживуваат надворешната обвивка на кулата. Но како генерално правило, успешна архитектура од овој тип е остварена кога сите фактори како кохерентен концепт се предвидени во процесот на дизајнирање. Во процесот на дизајн и евалуација на медиумската архитектура, се заборава дека нејзината вреднос не се цени според бројот на луѓе кои ја согледуваат (како во случајот на маркетинг билборди) туку и на начинот на кој таа влијае на нејзината перцепција.

За фасадите не се значајни само техничките карактеристики кои влијаат на визуелното доживување туку и нивната интерактивност и урбаната вредност. Со избалансирана медијалност, објектот може да стане фокус; дел од секојдневната урбана перцепција на минувачите. Секоја форма на проекција на фасадите, без разлика дали е тоа за рекламни цели или чисто артистичка проекција, бараат не само технички предиспозиции туку и голема сензитивност за архитектурата и урбаниот простор.

 

hinrid-2.jpg

 

СОЦИЈАЛЕН МЕДИУМ

 

Најголем потенцијал за идентификација со медиумската архитектура лежи во интерактивниот концепт. Во проектот на ‘Blinkenlights’, корисниците можат да комуницираат со зградата или со жителите на Берлин. Овој најпознат дизајн од овој тип овозможува серија на алатки со кои корисниците креираат едноставни слики, анимации како и испраќање на пораки на екранот на зградата.

Тие стануваат активни дизајнери на медиумската содржина и на тој начин го прифаќаат ‘Blinkenlights’ како нивен медиум. Ваквите архитектонски проекти стануваат социјален медиум во кој однесувањето на корисниците и нивното заемно дејствување е поважно од самите објекти. Генерално, многу попродуктивно станува создавањето на креативна рамка за нови форми на интеракција, отколку нивно редуцирање (преку контролирана содржина) во лимитиран сет на посакувани обрасци на однесување.

 

 

 

АНИМИРАНА АРХИТЕКТУРА

 

Фасадата, а со тоа и објектот, преку дигиталните слики станува променлива и анимирана. Содржината на објектот што комуницира преку фасадата, зависи од нејзината структура. Многу ниска резолуција и лимитиран колористички простор на располагање, резултира со ограничени опции за содржината. И покрај технички софистицирана ѕидна завеса и голема артистичка харизма, естетиката на фасадата остава ограничувачки периметар за дизајнот.

Во дизајнот на компаниите ‘United’ и ‘UNStudio’, пикселот зазема централна позиција. Во проектите како ‘Crystal Mesh’, ‘UEC’, ‘Iluma’ или ‘Galleria Seoul’, пикселот e дел од архитектонската структура, иако фасадата не е осветлена. Продавницата ‘Galleria Seoul’ во Сеул, Јужна Кореја, на UNStudio, е репрезентативен пример кој рефлектира иновативност и стил на околината, манифестирајќи го сопствениот идентитет за квалитет. Во вечерните часови, фасадните дискови како гигантски пиксели рефлектираат уникатни колоритни шеми.

 

hinrid-3.jpg

 

ПРОСТОРНА МЕДИУМСКА УМЕТНОСТ

 

Апсорбирана и формирана во сосема различен контекст од архитектурата, медиумската уметност е наклонета кон експерименти и авангардни пристапи. Помалку засегнат од техничките решенија, артистичкиот дизајн нуди нови естетски решенија какви што се просторните тридимензионални екрани или комбинација на осветлување со кинетички елементи. Многу протагонисти во оваа област како компаниите ‘Lab(au)’, ‘White Void’ или ‘Aether Architecture’, преку своите проекти нудат техничка и естетска иновативност.

 

Разиграна и експериментална употреба на технологијата е важен извор на инспирација за останатите полиња на медиумската архитектура. Концептот и дизајнот на прототипот ‘Nova’, поставен на железничката станица во Цирих, го остварува копманијата "Хорао". Тој овозможува тридимензионална слика чија цел е откривање на прецизноста и убавината на математичката формула, промовирање на фасцинацијата кон науката и креирање на дијалог со општеството.

Посетителите можат да ја истражуваат ‘Nova’ преку интерактивен екран поставен на терминалот, кој овозможува прелистување, влез и креирање на содржина во реално време. Мрежа од 624 топки со ЛЕД осветлување го сочинуваат – Облакот од пиксели како илуминирачко сценарио во адвокатската фирма "Alen and Overy" во Лондон. Константно променливиот дизајн на компанијата "Фостер" вклучува филмови или секвенци на слики, а светлосните анимации кои го симулираат локалното време постојано го осветлуваат атриумскиот простор.

 

hinrid-4.jpg

 

ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ/САМООДРЖЛИВОСТ

 

Во време на зголемена енергетска потрошувачка, проблемот на медиумската архитектура станува нивната конзумација и дистрибуција на енергија. зависи, пред сè, од ефективноста на светлечките тела, како и нивната бројност и осветленост. ЛЕД осветлувањето е многу ефективно, но употребено во голем број дури и неговата потрошувачка не е занемарлива. Во случајот на објектот ‘Greenpix’, на архитектот Симон Глостра во Пекинг (во соработка со компанијата "Аруп"), сончевата енергија ги задоволува сите потреби на системот.

Тој се однесува како органски систем кој ја апсорбира соларната енергија преку ден и ја генерира светлината од истата енергија преку ноќ. Проектот ја промовира интеграцијата на самоодржливата технологија во новата кинеска архитектура, која е одговор на агресивниот и нерегулиран економски развој на индустријата, за сметка на уништување на околината. Медиумската архитектура не треба да се прифати само како нов комуникациски канал, туку како физичка репрезентација (или артефакт) на мрежа од интеракции во која и околу која се одвива секојдневниот живот. Како во секое културно опкружување, така и во ова, потребно е да се согледа целосната интерактивна сфера околу објектот за да се разбере нејзината константно променлива природа и значење на комуникацијата, што оди вон симболичната репрезентација на архитектурата.

 

Бојана Филиповиќ
дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top