Градежната компанија Адора инженеринг доби две национални признанија на денешното доделување на наградите за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатија во 2014-та година на 8-та манифестација што се одржа во Скопје во организација на Министерството за економија и националното Координативното тело за општествена одговорност. Компанијата-градежен лидер во Македонија, наградена е со две признанија за долгорочните проекти: „Вложуваме во општините за доброто на граѓаните“ – Духовен храм православна црква Свети Јован Крстител и „Заедно градиме поздрава иднина“-Енергетски ефикасни домови А-класа, во категориите Вложување во заедницата и Заштита на животната средина кај малите и средни претпријатија. Наградите, доделени во конкуренција на 34 претпријатија и 50 проекти, за Адора инженеринг се потврда дека е на вистинскиот пат во намерата да помогне во изградба на похумано, поздраво и посреќно општество со еднакви можности за сите граѓани, како и одговорност и стимул да продолжи со унапредување на општествено одговорните проекти во иднина.
„Со изградбата на енергетски ефикасни домови како пионери во Македонија, започнавме пет години пред донесувањето на законската регулатива за енергетска ефикасност, први ги изградивме станбените објекти со енергетска ефикасност и сертификат А-класа, кои секоја година ги усовршуваме со нови технолошки решенија, со енергетска и звучна изолација според европските стандарди, што далеку ги надминува македонските прописи. Од нашите еко домови, за кои досега имаме добиено пет национални признанија, најголема придобивка имаат станарите со големите заштеди во потрошувачката на електрична енергија и пари за греење и ладење, со што во голема мера се заштитува и животната средина“. – порача Душко Чифлиганец, заменик генерален директор во Адора инженеринг.