Насловна / Архитектура / Архитектурата веќе не е професија!?

Архитектурата веќе не е професија!?

arhitekturata-veke-ne-e-profesija-1.jpgПочетокот на втората половина на месец јануари во Британија е одбележан
со враќањето во "леденото доба". Најголемиот дел од земјата е обвиткан
со снежна покривка, авионските летови се откажани, доцнат или пак се
пренасочени, слична е ситуацијата и со возовите коишто или се откажани
или пак доцнат, а за автомобилскиот сообраќај и да не зборуваме со оглед
на тоа што на 18 јануари оваа година се затвори за сообраќај во
сверната насока дури и главниот автопат во земјата "М1".

 

Во очекување на нови врнежи на снег и ниски температури, при непосипани со сол станбени улици и во отсуство на соодветно теренско возило со погон на сите четири тркала, ви се отвораат одамна заборавените можности во животот – да поминете спокоен викенд во домашни услови. Со оглед на тоа што на сите вработени ни е наложено во понеделник задолжително да присуствуваме на заеднички работен состанок, викендот дава можност и психички да се подготвите за она што ве очекува на состанокот.

 

 

 

СОСТОЈБА

 

Да работите во архитектонско проектантско биро во Британија во изминатиот четврт век, вообичаено значи дека треба да се подготвите и навикнете на цикличноста што е сè поизразена во професијата со периодични успони и падови во рамките на работната организација, чиешто повторување сè повеќе се чувствува. Ви се чини дека се наоѓате во некоја јо-јо играчка, каде една година сте 25 лица во бирото, а следната година разбирате дека останале само две – вклучително со директорот. Доколку мислите дека ситуацијата во јавниот сектор е нешто подобра, се лажете. Бројот на јавни претпријатија за проектирање во изминатиот период е во постојано опаѓање, а оние преостанатите сè повеќе се намалуваат.

Така, во изминатата декада од јавно претпријатие за проектирање со четири архитектонски тима, од пред две години се сведовме на едно претпријатие со само еден архитектонски тим. Се разбира, во текот на овој процес на осипување само во 2011 година изгубивме 30 проценти од најискусните проектанти и соработници. Па така, од состанокот во понеделник не се очекуваат некои особено поволни вести. Во најдобар случај, ќе биде дека и годинава ќе треба уште повеќе да се сработи од претходната, но за иста плата како од пред три или повеќе години и покрај тоа што во меѓувреме трошоците на живеење енормно се покачија, и тоа најверојатно со предупредување дека наредната 2014 година ситуацијата ќе биде уште посложена. Ова не е за чудење со оглед на тоа што меродавните на државно ниво веќе најавија дека ситуацијата во земјата нема да почне да се подобрува пред 2018 година.

 

arhitekturata-veke-ne-e-profesija-1.jpg

 

ОГЛАСИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ

 

Во едно вакво исчекување, време е да се надомести пропуштеното и да се прочитаат, заради обемните тековни обврски, непрочитаните стручни списанија од изминатите два месеци. Прелистувањето укажува на тоа дека списанијата изгледаат некако потенки од порано и дека цели делови недостасуваат. Каде се огласите за вработување на архитекти и соработници сега? Подеталното прегледување на списанијата, укажува дека делот со огласи за вработување во теорија сè уште е тука, но празен затоа што во него веќе речиси да нема огласи за вработување. Во мојот избор од околу осум списанија за читање провејуваат само два огласи за вработување, и тоа за редовен професор по архитектура на универзитет во Северна Ирска и за редовен професор по архитектура на универзитет во Хонг Конг. Колкумина од околу 60 илјади регистрирани архитекти во Обединетото Кралство ги исполнуваат критериумите – докторат на науки, бројни публикации во научни списанија со импакт фактор и успешно реализирани научно истражувачки проекти од меѓународно значење, со способност да привлечат и обзбедат значителни извори на надворешно финансирање преку проекти!?

 

АРХИТЕКТОНСКИ КРЕДИТИ

 

Помалку разочаран дека не ги исполнувам критеријумите за овие престижни, но турбулентни позиции, се навратив на актуелните вести во списанијата при што написот на Мерлин Фулчер во списанието “Архитектонски журнал” од 19 ноември 2012 година ми привлече особено внимание. Во него се известува дека една од најголемите британски банки донела одлука според која, на архитектите веќе нема да може да им се доделуваат таканаречените “професионални станбени кредити”.

Станува збор за посебна група на станбени кредити со нешто поповолни услови, коишто се наменети за оние физички лица коишто обавуваат професија. Според образложението на банката, архитектите веќе не ги исполнуваат критериумите на банката со оглед на тоа што нивната професија веќе не се смета за “отпорна на рецесија”, за разлика од лекарите, забарите, ветеринарите и правниците, чиишто професии имаат “историја на економска отпорност и нециклична иднина во кариерата”. Како да ова не беше доволна навреда за професионалниот статус на архитектите во земјата, во понатамошниот текст на Мерлин Флучер се наведува дека и британското Министерството за внатрешни работи дополнително го има поткопано професионалниот статус на архитектите. Имено, за разлика од Република Македонија, во Британија физичките лица не мора да одат да прават заверка на сите документи кај нотар.

 

Според правилата, физичко лице кое припаѓа на професија и е британски државјанин може да врши одредени заверки на документи, како на пример заверка на копија дека е верна на оригиналот, да посведочи со својот потпис дека барателот своерачно се има потпишано на правен документ, како на пример банкарска меница, договор за изнајмување на недвижен имот и слично, се разбира само доколку не е во роднински врски со барателот.

arhitekturata-veke-ne-e-profesija-2.jpg

 

Уште повеќе, членовите на професии, коишто лично го знаат барателот за минимално пропишан број на години, вообичаено три, можат со својот потпис да ја посведочат и автентичноста на фотографија, која се приложува од страна на барателот за вадење на возачка дозвола или пасош, со оглед на тоа што од подносителот на барањето не се бара да оди лично да се слика во подрачната единица на Министерството за внатрешни работи. За разлика од Република Македонија, во целото Обединето Кралство постојат само неколку единици во коишто може да се извади возачка дозвола или пасош, како резулатат на што најголемиот број на пријави за вадење на овие документи се обавува по пошта. Ова е дополнително можно со оглед на тоа што во земјата не се издаваат лични карти ниту пак се земаат отпечатоци од прстите за вадење на возачка дозвола или пасош.

 

Вообичаено, отпечатоци од прсти се земаат само од оние државјани за коишто постои сомневање дека го прекршиле законот, и како резултат на тоа се приведени во полициска станица. Дополнителниот проблем со кредибилитетот на професијата архитект настанал кога британското Министерството за внатрешни работи ја објавило изменетата и дополнета листа на 48 “признаени професии” чиишто припадници можат да ја потврдат автентичноста на пријавите за издавање на британски пасош. Во неа архитектите веќе не фигурираат, иако сè уште имаат право да ја потврдат автентичноста на пријавата за пасош, но затоа во истата, според натписот, фигурираат агентите за изнајмување и продажба на недвижен имот, новинарите и организаторите на погреби!!! Ваквото опаѓање на професијата архитект не е нешто што се има случено одеднаш и сега, туку е одраз на подолгорочен процес на деградација на професијата, коешто само по себе е особено интересна, но одделна тема за разгледување.

 

д-р Владимир Б. Ладински, дипл.инж.арх. (Велика Британија)

Испрати коментар

Scroll To Top