Додека бројни изложби ја истражуваат врската
помеѓу уметноста и модата, помалку внимание е посветено на нејзиниот однос со архитектурата и покрај големите преклопувања на
стратегии и техники кои ги споделуваат и поврзуваат овие две дисциплини. Од 80-тите години на минатиот век, голем број авангардни
модни дизајнери им пристапуваат на облеките како архитектонски конструкции, додека самата архитектура смело ги прифаќа
новите материјали и форми.
Овој развој се
должи, пред сè, на бројните технолошки
предности кои извршија револуција во начинот на градење на објектите, и овозможија
техники на традиционално кроење како што
се преплетување, преклопување и драпирање
да станат дел од архитектонскиот речник.
Облеки со нова структурална комплексност
може да се видат на модните писти и на улиците, како што објекти со потенцирана
флуидност, иновација или интерактивност
добиваат свое место во светските урбани
центри.
Освен заедничкиот речник, архитектурата и
модата се повикуваат на нашите основни потреби за засолниште, како начин да се искаже
идентитет. Во најголем дел, нивната сличност
лежи во процесот на дизајнирање. Архитектите и модните дизајнери имаат единствен
однос во тоа како мерките, димензиите и материјалите се користат за создавање на дела кои
ќе поттикнат осознавање, восхит и најважно
од сè, почит кон она што стои пред нив.
ФУТУРИСТИЧКИ ПОЧЕТОЦИ
Значајни настани во напредокот на архитектурата и модата, во формална и културна
смисла, започнуваат во осумдесеттите години
од минатиот век. Реи Кавукабо (Ком Де Гарсонс) и Јохи Јамамото, првпат ја презентираат
својата работа на Париската модна недела во
1981 година. Aсиметричнaта црна облека со
отвори, додатоци и недовршени агли е во целосен контраст со елегантниот формален стил
на останатите дизајнери. Колекцијата станува
предизвик за ново толкување на модата, женственоста и убавината.
Следната година архитектот Бернард Чуми
го дизајнира проектот Parc de la Villette во
Париз – место инспирирано од постмодернистичките идеи на деконструктивизмот, и како
одговор на филозофијата на Жак Дерида станува експеримент во простор и форма, и за
тоа како влијае врз човековата способност за
распознавање и интерактивност. Дизајнот на
Чуми го деконструира традиционалниот
начин на поимање на архитектонскиот пристап.
АРХИТЕКТУРА КОЈА СЕ ОБЛЕКУВА
Модните дизајнери како Александeр Меквин
или Исеј Мијаки покажуваат дека архитектурата е поврзана со модниот дизајн на повеќе
нивоа. Преку спој на новини и оригиналност,
тие креираат чувство на носталгија, видени во
форма на иконични објекти. Со интегрирање
на метали, лесни стакла и пластика, структурата на нивната облека ја нагласуваат остри
агли. Материјалите што се употребуваат не
само што кореспондираат со новата етичка
мода туку се произведени како биоразградливи, рециклирачки материјали, со сличен концепт на зелен дизајн или самоодржлива
архитектура.
И на двете полиња се работи за надворешна
обвивка и внатрешна структура, кои интегрираат технологија. И како што дизајнерите ја
обликуваат ткаенината за да ги следи облите
структури на човековата фигура, архитектите
Дилер Скофидио и Ренфро ја третираат обвивката на објектот и нејзината структура како
единство за создавање на волуметриска
форма преку кројачки техники.
Иако и двете дизајнираат структура која ја обвиткува тело или архитектонски простор, јапонските дизајнери Ком Де Гарсонс, Јохи Јамамото или
Реи Кавакубо го фокусираат својот дизајн кон просторот помеѓу телото и облеката. Според аналогија, дизајнер може да биде заинтересиран не само
за обвивката туку и за нејзиниот спој со внатрешниот простор.
Во Итабаши – Токио, архитектот Шигеру Бан за
своите клиенти спојува современ дом со отворе-
ност на традиционална јапонска архитектура. Куќата се состои од елегантен блок на две нивоа со
отворен простор за живеење, наткриен со триаголен покрив. Наместо ригидна структура по периметарот на објектот, Бан го облекува со едноставна
бела завеса, која ја регулира транспарентноста помеѓу надворешноста и внатрешноста. „Мис ја измисли стаклената завеса“, појаснува Бан, „Јас
употребив само завеса“. Поетичноста на овој објект
лежи во амалгамот на едноставноста, убавината,
спојот на старото и новото, и комбинирање на современи материјали во нова интерпретација на
јапонските стилови.
КУЛТУРЕН ИДЕНТИТЕТ
Она што импресионира во дизајнот на Кавакубо е
нејзината желба да креира целосно опкружување
за нејзината работа таква што обединува не само
облека туку и дизајнот на изложбениот простор,
графиките и мебелот. Онака како што претставниците на Баухаус имале тенденција за создавање на
gesamtkunstwerk – синтеза на уметностите. Иако
модниот дизајн и архитектурата имаат за задача да
го обвиткаат и заштитат нашето тело, тие овозможуваат експресија на идентитетот, без разлика дали се
тие лични, политички, религиозни или културни.
Додека облеката го открива личниот идентитет на
луѓето, архитектурата го одразува социјалниот идентитет на нејзините жители. Ако формата ја следи
функцијата, надворешноста на објектот ја отсликува
нејзината вистинска намена. Од друга страна, објек-
тите стануваат статусни стимболи. Така, „Прада“ соработува со реномирани архитекти за да укаже на
современ дизајн како во нивната мода така и во нив-
ните административни згради или продавници. Јапонија, од друга страна, отсекогаш е поврзана со
традиција на креативност. Дизајнерите како Ком Де
Гарсонс имаат концептуален однос кон нивната работа, што не е случај со многу престижни брендови
како „Диор“ и „Шанел“. Нивната работа е поврзана
со архитектурата, но културно-социјалната заднина
дозволува толкување на новите идеи на различен
начин.
АРХИТЕКТОНСКА МОДА
Потребата за архитектонска екстравагантност, технологиите на компјутерскиот дизајн и иновациите во градителството, ги примораа архитектите на следење на
последните трендови. Титаниумската облека на музејот во Билбао на Френк Гери, линерните и апстрактни скулптурални форми на Противпожарната
станица Витра на Заха Хадид или „антииконите“ на
Рем Колхас како Кинеската централна телевизија
(CCТV) во Пекинг се само дел од визионерските дизајни, кои воведоа нов пристап на архитектонските
трендови.
Употребата на напреден текстил во архитектурата
го променија изгледот на привремените и перманентни структури, додека фасади со зголемена транспарентност, со чипкасти перфорации или бои ги
обвиткуваат денешните градби. Геометријата на една
колекција на Ив Сент лорен пак, ја има својата инспирација во иконичниот облакодер Геркин во лондон апстрактни дијамантски и асиметрични форми со голема и драматична графика.
Иновативен чекор во модната дизајнерска пракса
прави и реномираниот дизајнер Хусеин Чалајан.
Идејата на неговата изложба „Дали е мода или
мебел?“ во која манекените носат мобилна архитектура, е дека иновативниот дизајн може да биде пронајден насекаде и во кое било време. Покривките за
столот на овој дизајн стануваат облека, а масата се
трансформира во женско здолниште.
Ова се само дел од стиловите што ги обединуваат
денешната архитектура со дизајнот и полека ги затвораат разликите што беа фокус на двете индустрии, откривајќи ги сличностите и комплексноста која и двете
ги носат.
Бојана Филиповиќ, дипл.инж.арх.