Насловна / Архитектура / Архитектонски ликовни патувања

Архитектонски ликовни патувања

arhitektonski-likovni-patuvanja-thumb.jpgСкиците и цртежите на уметниците и архитектите имаат некои сличности, но нивната намера е сосема различна. Кај архитектите цртежите се претходница на чинот на градењето, додека кај уметниците тие се често финален продукт. Како уметнички скици, цртежите на архитектите можат да функционираат креирајќи го јавното мислење или пак да промовираат теоретски аргументи. Во повеќето случаи уметничките цртежи на архитектите се нивно лично истражување.

Низ долгата историја на градителството, архитектите отсекогаш ја користеле визуелната претстава во процесот на дизајнирањето на своите дела. Таквите претстави најчесто биле некаков доказ на градежен документ, цртеж на она што треба да се направи, цртежи на детали, различни форми на скици и слики замислени во умот! 

Долго време пред да започне изградбата на некој објект, архитектот ги скицира своите визии. Архитектите користат разни медиуми за да ги изразат своите визии. Преку визуелните артефакти, архитектите можат да ги трансформираат, претстават и развијат своите архитектонски концепти во пресрет на идната градба. 

Вистинските архитектонски цртежи не се обични илустрации, тие се чисто изразување на архитектонското размислување. Чинот на цртање на хартија или на некој друг материјал во себе ја вклучува линијата. 

arhitektonski-likovni-patuvanja.jpg

Очите ја следат линијата и со тоа се предизвикува "движење" на цртежот! Голем дел на ова "движење" доаѓа од физичката акција на раката врз и со медиумот на изразување: хартија, молив, јаглен, туш, платно и боја, глина, компјутер и што уште не! Медиумот и не е толку важен во дефинирањето на цртежите и скиците бидејќи неговата функција е релативна и е во функција на процесот на проектирање. 

Многу архитекти користат јаглен или меки моливи, како и пера и туш за да ја нагласат линијата и да го направат цртежот експресивен. Некои архитекти користат хартија за скицирање за побрзо претставување на својата идеја, за потоа да ја пренесат врз подобра хартија. Како презентација скиците и цртежите се замена за менталните впечатоци. Ова е многу важно за архитектонските цртежи кои се создадени со креативен напор, со имагинација за потоа да се гледаат и коментираат, да се менуваат и изведуваат. 

Цртежите можат да добијат различни физички форми, но нивната сличност лежи во тоа како и зошто тие се користат, какво знаење и умеење имаат архитектите што ги направиле, што произлегува од нивната врска на илустративноста со функцијата на објектот и негово што подобро прикажување во процесот на проектирањето. 

Архитектите често изработуваат скици кои се првичен концепт на објектот што се проектира. Со нив се открива или достигнува знаењето за конечниот проект придружувано со дискусии и договори, за на крај да се најдат соодветни алузии или асоцијации. 

arhitektonski-likovni-patuvanja-2.jpg

Скицата се прави со медиум кој најдобро го изразува мисловниот или поетскиот концепт на архитектот што ја прави. Архитектот, исто така, користи скици и цртежи со кои забележува некои свои идеи кои подоцна може да ги користи. Овие системи на обележување можат да бидат умствени патувања придружени со помош на визуелни сеќавања или забелешки на емоции и мисли. 

Многу архитекти ги прават своите скици и цртежи за подобро да му ја објаснат својата идеја на нарачателот. Италијанскиот архитект Карло Скарпа за своите цртежи вели: "Сакам да ги гледам работите, тоа е сè она на што јас навистина му верувам. Сакам да гледам и затоа јас цртам. Јас можам да ја видам мојата замисла само тогаш кога ќе ја нацртам". 

arhitektonski-likovni-patuvanja-3.jpg

Цртежот ја олеснува формата на визуелизација, правејќи особено умствени, концептуални импресии. Не може да се одрече дека цртежите многу зависат од спомените и имагинацијата на секој архитект, како и од искуството и индивидуалните карактеристики на неговите цртачки техники и умешности. Скицата на архитектот може да му овозможи откривање на нов концепт на самиот почеток од изработката на проектот, а правејќи цртежи и скици и во подоцнежните фази на проектирање можат да му го подобрат квалитетот на целиот проект. Понекогаш, на почетокот од процесот на проектирање, цртежите можат да бидат фрагментирани и нејасни, но со тоа започнува мисловниот процес на архитектот, а првичните скици го забрзуваат тој процес и му даваат поголема ментална стимулација. 

Скиците и цртежите на уметниците и архитектите имаат некои сличности, но нивната намера е сосема различна. Кај архитектите цртежите се претходница на чинот на градењето, додека кај уметниците тие се често финален продукт. Како уметнички скици, цртежите на архитектите можат да функционираат креирајќи го јавното мислење или пак да промовираат теоретски аргументи. Во повеќето случаи уметничките цртежи на архитектите се нивно лично истражување, тие ги чуваат грижливо, за разлика од конвенционалните градежни цртежи кои често се уништуваат по завршувањето на изведбата на зградата. 

Обично, цртежите на архитектите се вреднуваат повеќе по нивните архитектонски квалитети одошто по нивната убавина! Повеќезначни и привремени, тие лесно пренесуваат емоции и суптилност на алузија и илузија. Изгледот на цртежот не е така важен како улогата што ја игра во процесот на проектирањето. 

arhitektonski-likovni-patuvanja-4.jpg

Цртежите лесно се преобликуваат, се прават повеќе варијанти и со тоа тие играат главна улога во архитектонското размислување; со нив се формираат и деформираат архитектонските идеи! 

arhitektonski-likovni-patuvanja-5.jpg

Цртежите се визуелна манифестација на карактери или гледиште кое им овозможува трансформација на физичките објекти или на концептот во друга димензија или медиум. 

Во архивите на многу музеи и архитектонски факултети ширум светот постојат многу скици и цртежи за кои не се знае кој архитект ги направил! Во ренесансата обично повеќето од цртежите ги правеле помошниците на главниот архитект, кои биле охрабрувани да ја копираат работата на "учителот". 
Архитектонските цртежи, барем во денешно време, многу лесно можат да се копираат или имитираат, но архитектонските скици се единствени. Тие го покажуваат размислувањето на архитектот во даден момент и тешко можат да се копираат. Како суштина на размислување скиците се брзи, експресивни и уникатни, и тешко можат да се фалсификуваат.
 
Ангел Ситновски, дипл.инж.арх. 

Испрати коментар

Scroll To Top