Во духот на своите заложби за зачувување на животната средина, намалување на јаглеродниот отпечаток и одржлив развој, компанијата АДИНГ наскоро самата ќе си обезбедува електрична енергија преку фотонапонски панели кои се инсталираат на нејзин објект во Скопје, а вишокот на енергија ќе се продава.
На овој начин, компанијата ќе спречи годишна емисија на околу 360 тони CO2 да завршат во нашата атмосфера, под претпоставка дека ова производство заменува производство од термоцентрала која работи на јаглен. Дополнително, компанијата со ова дава сопствен придонес во намалувањето на енергетската криза, која е актуелен проблем периодов.
Инсталацијата на фотонапонските соларни панели е во тек и истата се прави на дел од кровните површини на објектите на компанијата, кои се со југоисточна ориентација, и ќе се простираат на вкупна површина од 2000 квадратни метри.
Фотонапонскиот систем ќе биде составен од 480 фотоволтаични модули со вкупно инсталирана моќност од приближно 270 kWр. Вкупната произведена електрична енергија од фотонапонската централа се проценува да изнесува приближно 360 MWh на годишно ниво, што е еквивалент на досегашните годишни потреби за електрична енергија на компанијата. Ова е инвестиција која е во процес на реализација и изнесува приближно 13.000.000 денари.
Изминативе години светот страда од негативните ефекти на климатските промени, кои влијаат на животниот стил на многу региони. Климатските промени од ден во ден стануваат се поочигледни и затоа се јавува потреба од декарбонизација, односно намалување на јаглеродниот отпечаток на многу сектори, а производството на електрична енергија се посочува како предводник на оваа транзиција. Се разбира, ваквата енергетската транзиција подразбира напуштање на фосилните горива и свртување кон обновливите извори на енергија.
Сончевата енергија е извонреден ресурс особено за нашето поднебје кое има голем број на сончеви денови во годината. Оваа енергија може да се ползува на различни начини – во вид на топлинска енергија преку соларни термални колектори, но и за директно генерирање на електрична енергија преку фотонапонските централи. Во последните години оваа технологија стана подостапна бидејќи значително се намалија цените на опремата, но и можноста за сопствено генерирање на енергија и испорака на вишоците на мрежа, го прави инвестирањето поатрактивно.