Германскиот производител на спортска опрема и обувки Adidas ќе започне наесен со сериско производство на спортски обувки од 3Д принтери.
Спортските обувки најпрво ќе бидат произведени во Speedfactory во Ансбах (Германија), а подоцна во слична фабрика во Атланта (САД), објавија од Adidas.
Во среден рок планирано е годишно да се произведуваат околу 500.000 пара патики во секој од флексибилните производствени погони.
Германската групација сака пофлексибилно да реагира на трендовите и да излегува побрзо со нови производи на пазарот, објасни портпаролот на Adidas.
Новиот производствен процес ќе биде интегриран за првпат на новиот модел на патики Futurecraft 3D.
Моделот ќе се разликува пред се по иновативното производство на ѓонот во однос на другите спортски обувки. На есен би требало во продавниците да пристигнат првите 5.000 пара, а следната година нивниот број би требало за биде 100.000, потенцираше портпаролот на Adidas.
За разлика од претходните 3D методи на печатење на ѓонот, сега тој ќе се добива од течна смола.