Наградата Дух на природата е нова интернационална награда во архитектурата, воведена во Финска во 1999 година. Оваа награда се доделува за високи достигнувања во архитектурата на архитекти, кои во своето проектирање на креативен и прогресивен начин го употребуваат дрвото како градежен материјал.
Како основач на оваа престижна награда се јавува Асоцијацијата за дрво во културата, со цел да се промовира и негува традицијата на градење со дрво и вреднување на еколошките и самоодржливите принципи во градежништвото.
При планирање на наградата, основачката Асоцијација за дрво во културата се советувала и разменувала идеи со најкомпетентните институции во Финска, како што се Асоцијацијата на архитекти на Финска, Градежниот институт, Музејот на финска архитектура, Фондацијата Алвар Алто и други институции и субјекти, кои многу придонеле во реализирање на главните принципи за доделување на наградата.
Како тренд во модерниот дизајн може да се забележи особена заинтересираност на архитектите за употреба на традиционални материјали, како што е дрвото. Идејата на основачката асоцијација била со наградата да се поддржи и да се потикне на интернационално ниво креирањето на архитектите употребувајќи го дрвото како извор на инспирација во дизајнот. Исто така, оваа награда има за цел да ја подигне почитта кон дрвото и да го унапреди квалитетот на новите дрвни градежни материјали преку иновативни истражувања.
Жирито што одлучува за доделување на наградите е составено од тројца фински архитекти и двајца од други држави. Наградата Дух на природата се доделува секоја втора година, а првата е доделена во 2000 година на еден од најбрилијантните архитекти на денешницата Ренцо Пијано. Во некои од неговите креации се забележува употребување на дрвото, потенцирајќи ја широката лепеза на квалитети, кои дрвото ги поседува. Преку оваа награда, би сакал да претставам некои од архитектонските дела на Ренцо Пијано, каде што го употребува дрвото како сопствена инспирација.
Ренцо Пијано
Креацијата на Пијано е несомнено мешавина од уметност, архитектура и инженеринг со интелигентен дизајн и класична италијанска филозофија и традиција. И сето тоа, секако, зачинето со најсовремената технологија во нашата ера. Пијано го следи најстариот код на архитектите – надгледувајќи го целокупниот процес на градење објекти, од проектирањето до неговата реализација. Секако дека таков сензибилитет и свесност се очекува од човек, кој доаѓа од семејство посветено во градежната професија.
Културен центар "Жан-Мари Џибау"
Културниот центар "Жан-Мари Џибау" е целосно посветен на Канак цивилизацијата во Нова Каледонија. Центарот се простира на тенко и долго парче земја опколено со вода. Десет павилјони проектирани по формата на традиционалните колиби на Канак цивилизацијата, со височини помеѓу 20 и 28 метри се основа на целиот проект. Тематски организирани во населби, павилјоните се опколени со вегетација, а основната идеја на дизајнот е да ја изрази поврзаноста на околните жители со природата, и да го отслика културното богатство со кое се гордее оваа цивилизација. Составни делови на објектот се изложбени простории, библиотека, аудиториум, амфитеатар, соби за традиционални активности и друго. Главниот конструктивен материјал е дрвниот вид "Ироко" комбиниран со челик, стакло и други материјали.
Аудиториум "Парк на музиката" Аудиториумот "Парк на музиката" е мултифункционален музички комплекс, кој се наоѓа во Рим, Италија. Се состои од три посебни сали (Санта Сесилија 2800 седишта, Синополи 1200 седишта и Петраси 750 седишта), чија форма е инспирирана од музички инструменти. Салите се позиционирани околу амфитеатар на отворено, и изгледаат како три оргомни музички кутии. Во процесот на изградба на комплексот се пронајдени темели на градби кои датираат од шестиот век пред наша ера. За таа цел, Пијано го сменил основниот проект за да овозможи да се гледаат и археолошките ископини. Паркот на музиката е отворен на 21 декември 2002 година и набрзо потоа станал еден од најпосетуваните музички комплекси во светот со преку милион посетители годишно.
"Пунта Наве" – главната канцеларија на работилницата на Ренцо Пијано Сместена на падините на рид над морето, "Пунта Наве" е главната канцеларија во Џенова на работилницата на Ренцо Пијано. Овој објект се состои од систем на повеќе тераси, кои скалесто се поставени на падините на ридот. Светлото во просторот игра огромна улога. Просторот е покриен со фотосензитивни светларници, кои го регулираат интензитетот на светлината што пенетрира во внатрешноста, со што просторот се осветлува со природна светлина. Како главни конструктивни материјали и тука се среќаваат дрвото, челикот, стаклото и слично.
Александар Черепналкоски, дипл.инж. по дрвна индустрија