Кочани – Почнуваат обврските на хидроенергетскиот систем „Злетовица“ за враќање на кредитот кој Јапонската банка пред шест години го одобри во висина од 80 милиони долари за изградба на овој капитален хидроенергетски систем во Источна Македонија. Првата рата од кредитот е во октомври.
Првата фаза од системот е завршена со изградбата на бетонско насипната брана, чие полнење според најавите ќе почне во сабота со водите од Злетовска река. Jапонскиот инвеститор останува на „Злетовица“ се до крајот на годината кога и завршува договорот за искористување на средствата од Јапонскиот кредит.
Проблем засега преставува немањето филтер станици во општините Штип, Пробиштип, Кратово,Карбинци и Лозово. Според Стојан Миланов директор на ХС „Злетовица“ тие се заинтересирани да го решат овој проблем за рентабилното работење на системот.
– Колку поголеми кооличини на вода ќе се испорачуваат до крајните корисници, толку и ние полесно ќе го отплаќаме кредитот, истакна Миланов.
Токму за овој проблем во Пробиштип средба одржа раководството на ХС „Злетовица“, градоначалниците од општините кои ќе користат вода за пиење од „Злетовица“ и јапонскиот инвеститор со цел да изнајдат пари за финсирање на филтер станиците. Доколку не се изнајдат финансиски средства ќе биде доведена во прашање употребата на целиот хидросистем.
Претставниците на јапонската Агенцијата за техничка соработка Џајка кои го контролираат трошењето на парите од кредитот понудија да ја направат техничката документација за изградбата на потребните филтер станици, а градоначалниците треба да направат напори да изнајдат финансиски средства за нивната изградба. (МИА)