Валентина ТАШЕВА, дипл.инж.арх.
Да се напише коментар по повод проектот Скопје 2014 е вистински инцидент за луѓето што живеат во внатрешноста. Факт е дека проектот треба да ги засега и луѓето надвор од Скопје, затоа што тој се состои од објекти кои се од национален карактер. Но, ова се задоцнети коментари. Работите се движат во сосема погрешна насока. Се има впечаток дека проектот Скопје 2014 е завршена работа, која се наоѓа во челустите на политиката во траење на еден мандат, во пресудите на Уставниот суд, прес конференциите на политички партии, поделените струковни асоцијации и вистинската битка на студентите по архитектура.
Прикажаната анимација содржи монументални структури со вградена вечност преку употребениот историцизам. Тој по правило треба да претпостави стратегиско планирање подолго од 4 години, со вклучување на сите професионални и општествени капацитети. Се сеќавам на зборовите на мојот професор Герги Константиновски за умешноста во создавањето на добра проектна програма. Веројатно таму требаше да почне дебатата за овој мега проект. Ги немаше ни луѓето од ИЗИИС да се јават со мислење за споменатите пополнети површини, кои некогаш беа урнатини од земјотресот, немаше плодотворна дебата на професорите по архитектура и урбанизам, дебата по наградени трудови, архитектонска критика… Така, ќе се отвореше најширока демократска расправа за сите граѓани од земјата.
Наспроти ваков огромен проект градовите во внатрешноста ја живеат сегашноста со употреба на јавни објекти од минатото. За иднината тешко и размислуваат. На пример, во последните 20 години во Свети Николе е реконструирана една јавна зграда пренаменета во Музеј (Стара општинска зграда чиј автор е професорот Сотир Томовски) и еден безличен новоизграден објект (Завод за вработување). Тоа е сè што е изградено од јавните објекти. Од друга страна, индивидуалните станбени објекти се во експанзија. Инспирирани од популарните списанија, по желба на добростоечките сопственици, раскошни по димензии, нацртани од дипломирани архитекти…
Состојбата во нашите соседни држави драстично се менува. По кризата на почетокот од транзицијата, таму започнаа да се појавуваат надежни проекти. Авторите ги следат европски случувања во архитектурата, успешно комуницираат со традицијата, добиваат европски награди, нудат разновидни архитектонски содржини и се трудат да изградат однос кон животната средина.
Ние сме далеку од тоа, а за случувања во архитектонската област се информираме преку медиумите на глобалните мрежи. Време е да отвориме нови перспективи во областа што најшироко го допира животот.