Балканската академија на уметностите која беше основана лани во октомври во Букурешт под називот Academia Balkanica Europeana, деновиве почна и официјално да работи. Нејзина мисија е промовирање активности и културни проекти меѓу балканските уметници и третирање на Балканот како составен дел на заедничката европска цивилизација.
Според основачите, формирањето на Академијата произлегло од потребата малите земји, т.е. земјите од Југоисточна Европа, да преземат иницијатива за културолошко будење на Европа. Има 35 членови од Романија, Грција, Бугарија, Турција, Србија, Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, кои се од сите области на културата (писатели, режисери, актери, композитори, ликовни уметници…) и чии дела се прифатени во Европа.
Поддржана е од Европската академија на науки, уметности и литература од Париз, а инцијативата почна од Скопје пред точно една година со симпозиумот „Хамлет и Европа – да се биде или не“ на Универзитеот за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Во Скопје беше донесена и Декларација за нејзиното формирање и основните правила – членовите да бидат еминентни уметници во најширока смисла кои веќе имаат рецепција од Европа, а и соработуваат меѓу себе.
Писателот Александар Прокопиев, кој заедно со универзитетскиот професор Елизабета Шелева и драмскиот автор и ректор на ЕСРА Јордан Плевнеш е член од Македонија, изјави дека Академијата ќе дејствува како базна и во суштина креативна културна институција која ќе го третира Балканот како неспорен креативен дел од Европа.
– Во време на брзи комуникации, саморекламирање, интернет и навала на вредности и помали вредности, треба да ја обновиме Европа како критериум. Нам ни беше важна и другата, европска страна – рецепцијата, како одредени балкански уметници се прифатени во Европа. Очигледно е дека се работи за личности кои по своите дела не се познати само на Балканот, туку на некој начин се наметнале на европската културна јавност и критика. Европа е едниот дел од критериумот, Балканот другиот. Не разиденетиот Балкан, не она што не прави остри едни кон други, туку културата на Балканот која е секогаш заедничка – изјави Прокопиев.
Културата на Балканот е и суштинскиот Балкан, она со кое ние, вели Прокопиев, може да го освоиме светот.
– Ние не можеме да ја освоиме Европа со копирање на она што таму се работи, затоа што тоа би било второстепено. Но можеме со свои материјали, свој стил и начин на искажување, со свој став да се наметнеме во тој контекст. Така ќе бидеме многу помоќни. Тоа беше идејата – рече Прокопиев.
Меѓу членовите од другите балкански земји се Владислав Бајац, Слободан Шијан, Ана Бландијана, Жорж Бани, Матеј Вишњек, Недим Гурсел, Бедри Бајкам, Башким Шеху, Васил Толе, Градимир Гојер, Марина Финци, Јасмила Жбаниќ, Алек Попов, Христо Бојчев, Елена Панајотова, Бранислав Миќуновиќ, Арта Доброши, Ветон Нурколари, Јоргос Куљарас… Почесни членови се турскиот писател Орхан Памук, грчкиот композитор Вангелис и коцептуалната уметница со српско потекло Марина Абрамовиќ.
За претседател е избран тетарскиот режисер и актер Јон Карамитру, директор на Националниот театар во Букурешт и поранешен министер за култура на Романија. Јордан Плевнеш е генерален секретар. Академијата ќе има и годишно тематско списание поддржано и финансирано од Европската академија во Париз.