Компанијата која стои зад спектакуларниот градежен потфат во Лас Вегас, познат по најголемата сферна зграда на светот и рекордниот LED екран, ги објави плановите за изградба на слична конструкција во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати. Новиот проект предвидува изградба на слична сфера на престижна локација, иако сеуште не се објавени ниту точното место ниту димензиите на објектот.
Се очекува новата градба да има приближно иста големина како оригиналната, која во Лас Вегас достигнува 111 метри височина и има широчина од 157 метри. Изградбата на новата сфера во Абу Даби ќе биде реализирана во соработка со Одделението за култура и туризам (DCT) на Абу Даби, кое ќе ги покрие трошоците за изградба, додека Sphere Entertainment Co., ќе обезбеди стручна поддршка и совети. Овој проект е дел од стратегијата на компанијата да ја прошири мрежата на овие единствени објекти ширум светот.
James L. Dolan, извршниот претседател и генерален директор на Sphere Entertainment Co, изјавил дека глобалната експанзија на градбите отсекогаш била во нивните планови, и дека овој чекор е клучен во остварувањето на таа визија. Сферата во Лас Вегас, отворена пред неколку години, набрзо станала домаќин на бројни настани, вклучувајќи концерти на U2, со имресивни визуелни ефекти. Внатрешноста на зградата е опремена со најсовремена технологија која и овозможува на публиката да доживее промени во температурата, па дури и различни мириси, што создава целосно тродимензионално искуство.
Планот за изградба на ваква сфера во Лондон пропаднал поради загриженоста на локалните власти во врска со светлосното загадување и негативното влијание кое тоа ќе го има на жителите.