Авионот Solar Impulse, кој се напојува единствено со соларна енергија, ќе го започне својот историски лет околу светот планиран за крајот на февруари оваа година. ABB, водечката групација за електроенергетика и автоматизација, го следи овој единствен потфат. Во текот на 2014 година ABB и Solar Impulse основаа технолошки и иноваторски сојуз, со цел поттикнување на заедничките визии за ефикасно користење на ресурсите и зголемено користење на обновливите извори на енергија. На планираната рута од 40.000 километри, пилотите Bertrand Piccard и Andre Borschberg ќе се менуваат на должност, а авионот ќе застанува во неколку градови во Индија, потоа во Кина и во Феникс во САД.
Меѓу предизвиците што стојат пред оваа мисија, пред таа да заврши во Абу Даби во средината на 2015-та, ќе биде и непрекинатиот лет во траење од пет дена од Кина до Хаваи. Авионот се напојува преку 17.248 соларни ќелии. Од 2010 година двајцата пилоти заеднички имаат поставено осум меѓународни рекорди на летови над Европа, Северна Африка и САД во прототип на авионот со соларно напојување, вклучувајќи ги рекордите за времетраење на лет, височина и растојание.