Насловна / Архитектура / Автентичност која исчезнува

Автентичност која исчезнува

avtenticnost_koja_isceznuva_thumb.jpgЗа време на владеењето на султанот Мурат II (1421-1451),
бил донесен ферман со кој штипското Ново Село било прогласено за
војничка и чуварска населба, и добило посебни права и привилегии. Тука,
сè до почетокот од минатиот век, живееле голем број богати фамилии,
кои во свои раце ја имале трговијата и занаетчиството на градот Штип.

Oдејќи по течението на реката
Брегалница, по патот што води
кон Радовиш и Струмица на
излезот од градот Штип, е сместено
штипското Ново Село. Денес, тоа
е практично предградие на Штип.
Ако поминувате со својот автомобил
покрај Ново Село, можеби и нема да
ви остави некаков впечаток, но кога
ќе влезете во него, ќе ви се вреже во
сеќавањата како слика која е многу
поразлична од други слични места!

 

Гледајќи го оддалеку Ново
Село, веднаш ќе ги забележите
градбите на црквата „Пресвета
Богородица“ и на училиштето, кои
со своите волумени отскокнуваат
од останатите објекти во
околината и ја нарушуваат
смиреноста на панорамата.

avtenticnost_koja_isceznuva_1.jpg 

Црквата „Пресвета Богородица“
е архитектонско ремек-дело.
Изработена е од познатиот
градител Андреја Дамјанов. Има
облик на трикорабна базилика со
интересна изведба на покривот,
кој е со три различни височини.
Внатрешноста е со мотиви од
флора и животински фигури.
Никола Дамјанов, братот на Андреја
Дамјанов, учествувал со резбарската
тајфа на Петре Филипович – Гарката
при изработката на иконостасот
во резба. Црквата се градела 31
година, а во неа постои машки
и женски дел, затоа што покрај
монасите тука живееле и монахињи.

 

Во дворот на црквата е изградено
училиштето во 1882 година. Тука,
Гоце Делчев бил именуван како
наставник, и таму работел од 1894
до 1896 година, предавајќи им на
учениците историја, географија,
француски јазик и геометрија.
Еден релјеф изработен од
познатиот македонски скулптор
Јордан Грабуловски, и две спомен
плочи поставени на јужната
страна на училиштето, сведочат
за неговата работа тука.

 

Спроти црквата се наоѓа
куќата во која претстојувал Гоце
Делчев. Куќата преку тунел била
поврзана со црквата. Денес, таа
е обновена во автентичен стил.

 

Ново Село се состои од три
градежни групации, оформени
на три рида. Урбанистичката
композиција на овие градежни
групации покажува дека при нивното
формирање се водела сметка како
за теренските прилики така и за
осончувањето, погледот кон улиците
и реката, и секако за декоративноста
на градежните комплекси.

avtenticnost_koja_isceznuva_2.jpg 

Кога и од кого се изградени
првите куќи во Ново Село
сè уште точно не е познато,
но откако се памети, тоа
секогаш административно
и економски било поврзано
со градот Штип. Денес тоа
е составен дел на градот.
Важен податок за штипско
Ново Село е дека за време
на владеењето на султанот
Мурат II (1421-1451), бил
донесен ферман со кој
местото било прогласено за
војничка и чуварска населба,
и добило посебни права
и привилегии. Во турски
попис од 1519 година, било
забележено дека Мехмед
Челеби го изградил мостот
преку Брегалница.

avtenticnost_koja_isceznuva_4.jpg 

ЖИВОТ

Во првите децении на XVIII
век, Ново Село претставувало
голема населба во која
живеел и штипскиот
митрополит. Во 1728
година, пеќкиот патријарх
Арсение IV, обиколувајќи
ги областите на тогашната
своја патријаршија, наминал
и во куќата на митрополит
Кир Ефрем во Ново Село.

Жителите на Ново Село
биле исклучиво Македонци,
и тие имале богат економски,
културен и политички живот,
достигнувајќи го својот
зенит во XIX век. Тука, сè
до почетокот од минатиот
век, живееле голем број
богати и познати фамилии,
кои ја имале во свои раце
трговијата и занаетчиството
на градот Штип.

Старите куќи во Ново
Село се препознатливи
по својот архитектонски
стил, смеса на византиски и
турски влијанија. Вештите
мајстори во изградбата на
куќите ги примениле своите
долгогодишни знаења, и
кај секоја куќа можат да
се забележат различни
конструктивни карактеристики.
Градителите извонредно
ги интегрирале куќите на
тесните и неподобни за градба локации, со помош на локален
материјал – камен, дрво и земја.
Општо земено, денес куќите се
во многу лоша состојба, освен
неколку, другите пропаѓаат.
Некои од интервенциите што ги
имаат направено сопствениците
на куќите се без познавање и
почитување на историскиот
карактер на објектите, така
што е направена голема штета
и е осиромашен историскиот
контекст на Ново Село.

Една мисла на словенечкиот
професор Грабијан, кој го
посетил и Ново Село, го
отсликува значењето на
македонската градска куќа. Тој
изјавил: „Кога Европејците сакаат
да градат куќа, стручњаците
што го знаат Балканот ги
земаат македонските куќи
како пример, без многу да
зборуваат за оригиналот“.

Ваквиот тип на стара
македонска архитектура се
смета за многу важен споменик
на нашето национално
културно наследство кое е од
интерес за сите, и државата
треба да посвети поголемо
внимание за зачувување на
нашето национално богатство.
Наместо да градиме нови етно
села, да го зачуваме она што
го имаме, и што е навистина
вредно во светски рамки!

 

Ангел Ситновски,
дипл.инж.арх.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top