Насловна / Совети / Едноставно, модерно и убаво

Едноставно, модерно и убаво

Image

Млада брачна двојка со едногодишно дете треба да се всели во стан во центарот на градот. Планираат промена на електричната, водоводната и канализационата инсталација, реновирање на бањата, замена на вратите и прозорците во станот и функционално издвојување на дневната, трпезаријата и кујната во еден простор, а спалната во друга соба лево од влезот. Бараат наше мислење како сето тоа да се организира и стилски да се уедначи.

За да се чувствуваат задоволно во својот мал приватен простор, тој треба да е растоварен од гломазен мебел и непотребни работи кои го задушуваат ентериерот, ги нарушуваат складот и мирот. Минималистичкиот стил со безвремена привлечност е пријатен за живот заради својата непретенциозност и пречистеност. Токму таков ентериер би бил соодветен за овој дом. Во просториите би доминирале неутрални, природни бои кои создаваат едноставна, ненаметлива заднина и го намалуваат чувството на пренатрупаност за оние што тука живеат. Ентериерот го нагласува складот и геометрискиот ред. Кога се во прашање текстурите, се негува концептот на контрастот. Се спаруваат мазни и сјајни површини со ткаенини со богати, рапави влакна. Диспозицијата на мебелот е таква што во ходникот има простор за сандаче за чевли и закачалка. Оставата се преуредува во кујна отворена кон малата трпезарија, а таа е поврзана со дневната соба. Натсветлото во трпезаријата овозможува на тој ѕид да се направи витрина со касети делумно застаклени со пескарено стакло. На соседниот ѕид може да има огледало во модерна рамка. Слично огледало може да има и над софата во дневната соба. Спалната е доволно голема во неа покрај францускиот лежај и плакарот да се смести и детско креветче, комода и удобна седалка. Стаклените врати кон терасите во дневната и спалната соба може да се сменат во лизгачки, а прозорците да бидат со понизок парапет. Наспроти софата во дневната соба, по целата должина на ѕидот може да се постави ниска комода или полица за книги и украси кои на ентериерот му даваат мекост, убавина и доза на личен печат. Важно е да се создаде урбана атмосфера и во ниеден момент да не се дојде во заблуда дека е тоа стан на млади, модерни луѓе во самото срце на градот.

 

Билјана СТЕВКОВСКА-САВИЌ, дипл.инг.арх.
Објавено во број 91.

Испрати коментар

Scroll To Top