Насловна / Интервју / Верувам во Подобра иднина на Факултетот

Верувам во Подобра иднина на Факултетот

idnina_na_fakultetot_thumb.jpgГодинава добивме согласност да вработиме уште двајца соработници и еден професор,
што веруваме ќе ја „ублажи“ донекаде критичната состојба со недостиг на кадар создадена со
заминувањето на голем дел од наставниците во пензија во изминативе три-четири години.

Професорот д-р Тихомир Стојков е
актуелен декан на Архитектонскиот
факултет во Скопје. Во периодот
од 1997 до 2000 година бил
претседател на Асоцијацијата
на архитекти на Македонија.

За
своето досегашно архитектонско
творештво и педагошко искуство,
добитник е на неколку значајни
признанија во Македонија. Поводот
за овој разговор се актуелните
состојби на Архитектонскиот
факултет, плановите и измените
кои се однесуваат на развојот
на оваа значајна образовна
институција, и воопшто за
најновите предизвици со кои се
соочуваат македонската современа
архитектура и урбанизмот.

 
idnina_na_fakultetot_1.jpg


Професоре Стојков, Архитектонскиот
факултет славеше 60 години од
своето постоење. Убав јубилеј
за една институција, но според
Вас како негов декан, кои се
предизвиците и проблемите
со кои Факултетот ќе треба и
ќе се соочува во иднина?

 

Имајќи ја предвид реалноста
на актуелната состојба,
Архитектонскиот факултет во
наредниот период ќе се соочува со
три сериозни предизвици. Првиот
се однесува на понатамошното
квалитетно развивање и реализaција
на студиската програма според
ЕКТС во услови на еден процес на
сериозно намалување на бројот на
наставничкиот и соработничкиот
кадар. Вториот предизвик е
хронично лошата финансиска
состојба што ќе произлезе од
значителното намалување на
средствата (за 40%!) што факултетот
ќе ги прибира на име школарина
од студентите. Од овие средства,
всушност, се финасираат 90%
од материјалните трошоци на
факултетот, логистикатата за
реализацијата на еден мошне
специфичен наставен процес како
што е едукацијата на архитекти,
одржувањето на опремата и
просторот, надоместоци за
наставници што држат настава од
други факултати, надоместоци
за плати за 6 вработени во
административно-техничкиот
персонал вработени преку агенции
за вработување… И третиот,
не помалку битен предизвик –
иманентната потребата за развивање научноистражувачката работа и
воспоставување на релации за
меѓународна соработка, за што ќе
биде неопходно да се создадат
посебни материјални и технички
услови со цел таа да биде вистинска
научноистражувачка работа – преку
отворањето на третиот циклус
студии со квалитетни просторни
услови, опрема, логистика и
лаборатории… и реализација
на програмата на овој сегмент
низ реални научни и научно-
применувачки проекти со реални
и јасно дефинирани буџетски
параметри, Научната работа не е
фина парола, наметната обврска
(од која не може да се живее!) или
проста желба за докажување
на празна хартија. Времињата
на таквите гледања се одамна
поминати. Или можеби не се?

idnina_na_fakultetot_2.jpg 

По повод јубилејот, факултетот
објави публикација „Разговори
и предавања“ за која се пројави
интерес од страна на студентите,
колегите, но и пошироко. Дали имате
план и финансии да продолжете
со вакви и слични изданија?

 

Публикацијата беше технички
изготвена уште минатата година,
благодарение на огромниот
ентузијазам на неколку колеги.
Имајќи го предвид квалитетот на
истата, факултетот во тој момент
реално не беше во состојба да
ја публикува. Благодарение
на разбирањето од страна на
Ректоратот на УКИМ и средствата
што ни ги додели за таа цел во
текот на фебруари годинава,
Факултетот направи посебни
напори да издвои дел и од
сопствените скромни средства,
сè со цел конечно и во целост да
се реализира нејзино печатење.
Среќни сме и горди што успеавме
да го оствариме овој „проект“.
Публикацијата доживеа две
промоцијии – една во просториите
на Ректоратот на УКИМ и една на
Архитектонскиот факултет. Ценам
дека оваа исклучително квалитетна
публикација е од големо значење, не
само за Факултетот ами и пошироко.
Да се надеваме дека вакви радосни
настани ќе има и во иднина. Но,
да бидеме реални – за такви нешта
се потребни подруги механизми
за генерирање на материјални
средства. И секако, малку подруги
„традиции“ на гледање на
издаваштвото на факултетите…
Квалитетното издаваштво е
сериозна и сложена работа, без
разлика каде се реализира.

 


Каков е наставничкиот потенцијал
на факултетот, дали сте задоволни
од него, и дали планирате некои
измени и конкурси на оваа тема?

 

Архитектонскиот факултет
отсекогаш правел особени напори
да одржува високо ниво на квалитет
во однос на наставничкиот кадар и
со тоа во наставата. Тоа е еден од
столбовите на богатата традиција
на Факултетот. Со задоволство
можам да констатирам дека и
во моментов располагаме со
мошне квалитетен наставнички и
соработнички потенцијал. Верувам
дека во времето што доаѓа овој
квалитет не само што ќе се одржи
ами и значително ќе биде подигнат,
имајќи го на ум фактот што една
млада, извонредна (и амбициозна!)
генерација асистенти и доценти веќе
се изградува себеси, и е витално
заинтересирана да го достигне
тоа ниво. Дел од овие млади луѓе,
преку научни проекти и друг вид
активности, веќе го презентираат
Факултетот на најдобар можен
начин, како во земјата така и во
меѓународни рамки. Деканатот
ќе направи напори, во рамките
на можностите, во иднина овој
тренд да биде поквалитетно и
постимулативно поддржуван.

 
idnina_na_fakultetot_3.jpg

Неодамна Владата на РМ одобри нови
вработувања на високите образовни
установи. Дали и вашиот факултет е
опфатен со оваа одлука на Владата?

 

За среќа да! Минатата година
од МОН добивме согласност за
вработување на двајца соработници
(асистенти). Тие се со извонреден
потенцијал и верувам дека во блиска
иднина ќе успеат да се развијат
подеднакво во квалитетни педагози
и како научен кадар. Годинава
исто така, добивме согласност да
вработиме уште двајца соработници
и еден професор, што веруваме ќе
ја „ублажи“ донекаде критичната
состојба со недостиг на кадар
создадена со заминувањето на
голем дел од наставиците во
пензија во изминативе три-четири
години. Создавањето кадар на
Архитектонскиот факултет не е
едноставна работа. За тоа треба
време, трпелива и макотрпна
работа. Со новиот Закон, за жал,
веќе не ќе можеме тоа така да го
правиме. Кадарот ќе се создава низ
третиот циклус студии – докториски
студии што можеби добро звучи,
но не сум многу убеден дека брзо
ќе профункционира, имајќи ја на
ум актуелната состојба со кадарот
и со реалното функционирање
на овие студии. Но да видиме.

 

Какво е искуството на
Архитектонскиот факултет со
воведувањето на Европскиот
Кредит Трансфер Систем на
студирање? Кои се, според
вашето досегашно согледување,
предностите и недостатоците?

 

Кога во 1999 година се
иницираше овој нов систем на
високо образование, кај нас
малкумина имаа целосна претстава
што тоа значи и пред сè, зошто
Европа го воведува. Всушност,
ЕКТС и Болоњската декларација
требаше да иницираат еден
голем пресврт во сферата на
европското високо образование
со преференцијално постигнување
на две основни цели: Прво, да
се стави крај на традиционално
сфатеното, фрагментарно
образование, оптоварено со
премногу непотребни информации и
застарени теории и консеквентно,
да се воведе поголема интеграција
(по хоризонтала и вертикала) во
наставно-научните дисциплини
со цел да се создаде простор за
еден вид интегрирана настава (во нашиов случај Архитектонско
студио) низ која ефикасно ќе се
симулираат условите на професиите
и ќе се следи развојот на знаењата
и модалитетите на работа во нив
имајќи ги на ум промените што
настанаа со најновата технолшка
револуција започната во 70-тите
години од минатиот век во САД…
Второ (и поважно!) низ високото
образование да се подигне нивото
на професиите и професионалната
работа врз основа на сознанијата
за загрижувачките состојби со
капацитетот на висококонјуктурните
професии (архитектонската
особено!) во Европа во споредба
со оние во САД каде што од БДП
двојно повеќе се издвојува за
високо образование и наука.
Ова второво е само по себе
тема за сериозен разговор.
Клучно прашање е дали во 1999
година воопшто бевме спремни
да ја сфатиме констелацијата на
овој голем пресврт или, според
системот „не бранувај премногу“,
само го конвертиравме во нешто
„свое и својствено за нас”, па
сега зборуваме како сето тоа е
промашена работа и дека така
мислат и во Европа. И тие некои
што така мислат во Европа, мислат
од истите причини како „ние“. Но
во Европа имаше и такви кои не
го губеа времето да мислат така
и веќе го одработија тоа што
требаше да го одработат и сега
одат напред и можат мирно да се
носат со предизвиците на времето…
Или можеби затоа што се најдобри!
Архитектонскиот факултет според
новата студиската програма отпочна
да работи релативно доцна, во
учебната 2007/2008. Претходно,
следеа подготовки кои траеја повеќе
од две години, што мислам дека
беше предолго (и заморно). За тоа
време мислам дека малку сторивме
сите добро да се инфрмираме за
она што треба да го направиме.
Во ваков вид промени секогаш е
можно на почетокот да се јават
одредени проблеми. Но, ние како
да создадовме непотребно и некои
доплонителни. Нашите први искуства
сега се сè уште во фаза на анализа
и разгледување. Со последните
две самоевалуации се детектирани
одрени индикации и нешто ќе
мора наскоро да се направи…
Тоа се сепак поприлично сложени
прашања за да бидат елаборирани
во оваа пригода. Се надевам и
верувам дека ќе успееме, во интерес
на студиите и во интерес на сите
нас, да ги надминеме одредените
пројавени слабости и притоа да
сфатиме дека ќе треба малку и
самите себе да се промениме…

 

Каква е улогата на Комората на
архитекти, дали сте задоволни
од нејзиното функционирање?

 

И ова прашање како да лебди
некаде во просторот на претходните.
Ние архитектите вложивме големи
напори (од 1996, преку ААМ) да се
донесе добар Закон за градење. За
жал (и по обичај!) во тоа многу не
успеавме. Очигледно, другите со
своите (или нивните!) „интереси“
беа повторно појаки од нас! Но,
барем успеавме во нешто – од
тој Закон (од 2005) требаше да
произлезе Комората на архитекти
и други инженери во градењето и
нашата професија конечно да добие
статус на регулирана професија
согласно европските стандарди.
Проблемот е во тоа што Комората
не се конститура докрај согласно
Законот што, логично, предизвика
таа да не профунционира како
што треба. Приказна која е толку
банално позната и „вообичаена”
во ова бесмислено комликувано
општество или општествено на
специфична ментална констелација
во која „се што може да не може“,
односно „се што треба да не мора“.
Како учесник во дел од тие случувања (бев претседател на ААМ
од 1997-2000), мене ми е многу јасно
што и зошто се случи. Во моментов
тоа и не е толку битно. Битно е
што сите побрзавме да ги добиеме
овластувањата иако знаевме што се
случи. Сега се слушаат разно-разни
коментари и растураат „мудри
мисли“. Имам чувство дека некој
сака да ја „доработи“ работата и
да ја разбие Комората од многу
практичен (личен или друг!) интерес.
Комората постои и таа треба
конечно да профункционира – во
сите свои сегменти, а не само во
издавањето на овластувања! Тоа е
она што сега треба да го сториме…
И со малку повеќе доблест и добра
волја сигурно ќе успееме. Но ќе
мора и тука нешто (амандмантски) да
се стори во Законот, а не само „како
да им се олесни на инвеститорите
полесно да добиваат градежни
дозволи… “ што секако е во ред.
Но, има многу, многу побитни
работи кои претходно треба да се
поправат и направат во Законот за
тоа навистина да биде во ред и во
интерс, а не на штета и на „другите“.

 
idnina_na_fakultetot_4.jpg

Колку се подготвени македонските
архитекти да се соочат со
најновите предизвици
на современата архитектура и
урбанизам, кога се во прашање
климатските промени, екологијата,
енергетскиот карактер на
самоодржливите објекти… Колку
факултетот ги едуцира своите
студенти на овие полиња, и дали
постоечкиот кадар е спремен да
се зафати со овие предизвици?

 

Дел од колегите веројатно
успеале или прават напори себеси
да се оспособат за такво нешто. Но,
не сум многу сигурен во тоа имајќи
ги на ум сознанијата за состојбите
со практикувањето на професијата
во развиените европски и други
економии. Предолго се соочуваме со
„транзициски проблеми и синдроми“,
па како да останува малку простор
за поголема професионална
еманципација. Неминовно, во тој
поглед и Факултетот стагнира исто
така. Кога професијата е добро
етаблирана, таа самата ќе поставува
одредени стандарди и креитериуми
за она за што би требало да
се обрне повеќе внимание во
едукацијата на архитектите. Тоа
исто така, би значело постоење на
еден вид конкуренција на Школата
со професијата! Вистинската
оспособеност на архитектите за
работа во професијата може да
се постигне само низ работа во
добро етаблирана архитектонска
професија. Школата во моментов
тука не може да има критична
пресудна улога. Треба да се
проучуваат искуствата од одредени
земји, во кои што е тоа така. Мислам
дека тоа треба да биде една од
клучните работи коишто треба
да се вградат во механизмите
на идното функционирање на
Комората – подигање на нивото на
професијата и критериумите за
издавање на овластувањата. За
жал, од причини за кои сега не би
сакал да зборувам, Факултетот со
новата студиска програма отвори мошне скромен простор
на информации од подрачјата
наведени погоре во прашањето
Тука ќе мора да се има малку повеќе
разбирање (и малку повеќе добра
волја!) кај оние што имаат право
да не мислат така во системите
на одлучувањето и донесувањето
одредени битни одлуки…

 

Што треба да се случи за да дојде до
една поквалитетна соработка меѓу
инвеститорите (приватни/
државни) и архитектите,
соработка во која стручноста на
професијата нема да падне
под нивото заради „вкусот и
желбите“ на инвеститорот?
Што за вас, ако постои
такво нешто, подразбира
квалитетен инвеститор во
културна, архитектонска
и социјална смисла?

 

Оваа соработка е всушност во
релација на една природна даденост
sine qua non! За да зборуваме за
квалитетот на истата неопходно
е претходно барем да бидат
изградени одрени општествено-
економски (и културолошки, се
разбира!) предуслови и услови. Во
една таква констелација „желбите“
ќе станат желби а „вкусовите“
вкусови. И инвеститорите се граѓани
на оваа земја. Значи да ја подобриме
целата констелација на односите
во земјата, а тоа би значело, просто
речерно, почитување на (изградени!)
институции, почитување на
(изградени!) правила на игра и низ
тоа почитување да се обидеме
сите да станеме покреативни и
подоблесни, како инвеститори,
како архитекти, како граѓани…
Македонија заслужува да го сториме
тој мал напор, и конечно да ѝ го
подариме тој дар. Тогаш многу
повеќе времето ќе го трошиме
во корисна работа, креативно
творење, почит кон другите,
собирање на квалитетни плодови…
отколку истото бесцелно да го
трошиме во бесполезните и јалови
приказни за лошата (или за некого,
добрата!) среќа и матните деанија
за „офајдување“ во несфатливо
долгата транзиција за сите.

 


Во светот, релевантна
архитектонска критика знае да
испровоцира општествени,
урбани и социјални ангажирања
и раздвижувања во однос
на некој проект или
објект. Кај нас, речиси да
немаме никаква застапеност
на стручна архитектонска
критика во јавноста и во
медиумите. Колку за ова е
одговорен и самиот Факултет,
кога се работи за „произведување“
на вакви кадри?

 

Архитектонската критика
не провоцира и не критизира.
Таа пред јавноста го носи
конечниот критички суд – низ
јасна елаборација, елоквенто,
непристрасно и преку прецизно
почитување на номенклатурите на
утврдените системи на вредности
и мерни механизми. Таа е и чувар
на доблестите во архитектонското
творење. Таа затоа постои. Таа
постои исто така, и затоа од
неа да учиме и да се трудиме да
бидеме што подобри (архитекти,
инвеститори…). Таа е многу битна
за архитектурата како што е тоа,
впрочем, и во другите творечки
професии. Но, архитектурата и судот
за неа се мошне комплексна работа.
Денес, во мерните механизми за
нејзиното вреднување, покрај оние
исконските и традиционалните,
влегуваат и нови имајќи ја на
ум сложеноста на современото
урбано општество, состојбите во
животната средина, пренаселеноста,
етичките поместувања, енергетските
синдроми, синдромите на т.н. „болни
згради“ и друго. Да, архитектонската
критика треба да се негува на
сите нивоа на архитектонското
делување. Во Школата исто така,
иако е можеби прерано за таква
сериозна работа. Но може, да
речеме, низ истражувањата во
архитектонаската теорија да се
навлезе постепено и просторот на
архитектонската критика, нејзината стуктура и многузначност. За да
се биде архитектонски критичар,
секако, се потребни многу знаења,
но и особена дарба. Тоа е она што
Школата треба и може да го открива
и негува кај одредени студенти.

idnina_na_fakultetot_5.jpg 

Со оглед на актуелниот интензитет на
катастрофите и земјотресите што се
случуваат во светот, сакаме
да ве прашаме, дали во
наставната програма на
вашиот факултет се планира
поинаков пристап кога се
работи за асеизмичко
проектирање во активни
сеизмолошки региони,
каков што е и нашиот?

 

Да, до одреден степен.
Катастрофите, земјотресите и
другите видови елементарни
непогоди се составен елемент на
животниот циклус на планетета
Земја. На тоа ќе мораме да
се навикнеме. Мислам дека е
добро и низ архитектурата да се
подготвуваме посолидно за вакви
евентуалности, но треба да видиме
како. Има толку многу приоритети!
Се разбира, постојат и други
научни подрачја и експертизи
кои специјализирано третираат
дел од комплексот на оваа
природна феноменологија. Вакви
катастрофи се случувале секогаш
и ќе се случуваат и понатаму. Но
проблем е што денес планетата
Земја е пренаселена и што овој
популационен феномен тешко може
да се контролира. Последниот
земјотрес во Јапонија не беше
нешто неочекувано, но неочекувана
(или не до толку неочекувана!)
беше катастрофата во нуклеарните
централи во Фокушима. Од вакви
катастрофи треба да се плашиме,
тие се непремостливи дури и за
самата Природа. Тука ни Бог не
помага, и последиците од вакви
катастрофи можат да се чувствуваат
стотици или илјадници години! (ако
некој ги преживее, се разбира).
Крајно време е да извлечеме
некаква поука од сето тоа. Или се
ќе помине како после Чернобил?
Тогаш се прашувам, всушност за
каква едукација да зборуваме?

 


На крајот, кажете ни нешто и за
плановите што ги имате за во иднина?

 

Остануваат уште две години
од мојот мандат како декан на
Архитектонскиот факултет. За
овој простор се врзуваат моите
сегашни и идни, да ги наречеме,
планови. Би сакал Факултетот да
ги премости сегашните тешкотии
и конечно да влезе во просторот
на „стабилните води“. Да се
подобри материјалната состојба, да
бидеме подобро организирани и да
покажеме малку повеќе почит едни
кон други. Сепак, ние сме академска
институција која тоа треба да го
демонстрира на најдобар начин.
Постојат многу можности, можат
да се отворат многу простори
за креативна работа, не само во
наставата. Неодамна потпишавме
соработка со Архитектонскиот
факултет на Политехнико
Торино, Универзитет со 29.000
студенти и многу добро развиена
инфраструктура за студиска, научна
и научностражувачка размена.
Исто така, во соработка со Градот
Скопје, Факултетот размени писма
за намера за соработка со Урбан
Центар Метрополитано Торино,
врвна независна институција за
планирање и обликување на градот
Торино, една од главните носители
на реализацијата на огромниот
проект 150 година од основањато
на Италија во вредност од 200
милиони евра. Наесен очекуваме
на Архитектонскиот факултет,
во соработка со Градот, да биде
организирана првата заедничка
работилница, низ која треба да
се вообличат рамките на идната
соработка, со цел воспоставување
на ваков вид професионална
институција и во Скопје. Оптимист
сум, и верувам дека за Факултетот
се отвора простор за многу подобра
иднина. Тоа се моите планови…

 

Дејан БУЃЕВАЦ

Испрати коментар

Scroll To Top