Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, во пролетта 2008 година одлучи
да реализира продлабочена настава од областа на градителското наследство на тема „Археолошки
музеј Горен град – Кале, Скопје“. Во текот на два семестри, во овој проект зедоа учество
четири професори, два асистенти и други соработници. Тие работеа со 24
студенти, и изработија студија за значењето и вредностите на
Калето од различни аспекти, и предложија нови
соодветни локации за подигање на
тематски археолошки
музеј.
Во минатиот број на нашето
списание ви го претставивме
првиот дел од обемната
работа на професори, асистенти
и студенти од Архитектонскиот
факултет при УКИМ, студијата за
подигање на „Археолошки музеј
Горен град – Кале“. Во овој број е
продолжението на истата тема.
локација 2: Музеј
јужно од МСУ со
поглед кон калето
(Маја Велкоска и
Снежана Симевска)
Втората можна локација се наоѓа
на јужната страна и непосредно
се надоврзува на Музејот на
современата уметност (МСУ), од
каде се пружаат убави визури кон
Калето и непосредната околина.
Новопроектираниот музеј има
навидум сложена подземно-
надземна експресионистичка
структура, но всушност тој
има многу јасно и прегледно
функционално решение.
Влезот е предвиден од јужната
страна преку шпицот истакнат
кон Калето, а од него посетителот
преку вестибилот има директен
пристап до рампата што се искачува
кон МСУ. Оваа рампа всушност
претставува ‘рбет на композицијата
со кој се поврзани изложбените
и административно-техничките
простории, а од нејзината највисока
кота е овозможена директна
врска со МСУ. Вкопувањето на
археолошкиот музеј во наклонетиот
терен не ги нарушува визурите
кон Калето и кон МСУ, а со едно
„атриумско“ пробивање на теренот
се создава нормално осветлување и
вентилација за новиот објект.значаен и ретко виден кул парк.
Новопроектираниот археолошки
музеј, генерално земено, има три
функционални нивоа: влезно ниво,
едно над него и едно под него. На
влезното ниво, покрај вестибилот (со
повремена изложба, библиотека и
предавална) има и административно-
технички дел, како и депоа поврзани
преку скали и лифт со депоата
на МСУ. Кабинетите за научни
истражувања се распоредени
околу еден атриум, што како
функционален состав продолжува
и на подолното ниво. Таквата
концепција овозможува пријатна
работна атмосфера со доволно
осветлување и вентилација.
Над влезното ниво се појавуваат
само горното ниво од влезниот
кубус и од кубусот до МСУ. На
горното ниво влезниот кубус содржи
повремена изложба, читална,
кафе-бар и библиотека, додека во
кубусот до МСУ е сместена сала
за постојана изложба и техничка
просторија. Таквиот просторен
концепт истовремено овозможува
рационално, функционално
решение на објектот со негово
истовремено совршено вклопување
на наклонот на теренот, така што
воопшто не се наметнува над
околината.
Делумното вкопување во
теренот на овој длабоко осмислен
модерен музеј наложува употреба
на армирано-бетонски ѕидови
со потребната термичка и
хидроизолација. Зениталното
осветлување преку специјални
заштитни стакла создава пријатен
амбиент, збогатен со соодветни
извори на вештачко осветлување.
Деталната разработка на
изложбените витрини е во целосна
согласност како со потребата
на изложбените експонати така
и со севкупниот архитектонски
израз. Сето тоа на овој проект му
дава голема доза на уникатност,
па и авангардност.
Локација 3: Музеј
под западниот бедем
покрај Р. Вардар
(Драгана Данилова и
Зоица Долдурова)
Од направените претходни
анализи, студиската група заклучи
дека трета поволна локација за
подигање на Археолошки музеј –
Кале претставува рамниот терен
под западниот бедем на Тврдината.
Тука всушност е локацијата
каде што неодамна започна
изградбата на управната зграда на
Скопски водовод, во вид на една
неокласична ротонда. Како што
може да се види подолу, и за музејот
на тоа место, две години порано
студиската група предложи еден вид
кубична ротонда, но во согласност
со современите функционални
и обликовни трендови. (Сл.16)
Една од главните поволности на
таа локација претставува нејзината
близина до главните пешачки
токови, како што е кејот на реката
Вардар и нејзината видливост од
другиот брег. Од источната страна
новиот објект би бил во директен
визуелен контакт со Тврдината,
како што на пример е остварен
контактот меѓу Археолошкиот
музеј и Акрополот во Атина. За
посетителите на музејот и за
останатите заинтересирани,
искачувањето на Калето и во
овој случај би можело да биде
обезбедено преку контролиран
влез во едно од постојните стари
засолништа, а од таму со помош
на лифт да се искачи на горната
површина. Се разбира дека
таквата атракција би привлекла
голем број посетители.
Предвидено е ротондата да
има сутерен, приземје и три ката.
Во сутеренот би биле сместени
техничките простории и подземниот
паркинг со пристап од улицата
„Лазар Личеноски“. По средината
на ротондата има процеп со
пасарела, кој зафаќа височина
од приземје и два ката. На таков
начин тие три нивоа се поделени
на по две функционални целини.
Во приземјето е предвидено, освен
влезната партија, да биде сместена
и административната управа.
На првиот кат во северниот
сегмент се наоѓаат простории
за стручни служби, а во јужниот
сегмент има привремена изложба.
Соодветно на тоа, на вториот
кат се предвидени простории за
едукативен центар, а на јужната
страна се развива воздушниот
простор на привремената изложба
од првиот кат. Постојаната изложба
со своите придружни простории
го зафаќа целиот трети кат од
ротондата. Преку нејзината стаклена
обвивка се овозможени погледи кон
околината во круг од 360º, со што
посетителот при разгледувањето на
изложбата по желба може да прави
паузи. Дел од средновековната
изложба е сместен во стаклена кула
на кровот, пристапна преку рампа.
Мала стаклена кула се развива и
над просторот со скали и лифт
за посетители. Ова двојство на
транспарентни кружни кули фино
контрастира на масивните квадратни
кули 14 и 15 од Тврдината.
Наведената флексибилност
на функционалното решение
и просторно-волуменското
обликување е постигнато со помош
на скелетна армирано-бетонска конструкција. Конструкцијата,
исто така овозможува конзолно
испуштање на третиот кат
во вид на кружна нагласена
лента од темно стакло, која
ја стабилизира динамичната
структура на објектот.
Како и сите останати
студиски идејни проекти, така
и овој изобилува со прилози
за внатрешно уредување, за
опремата и за конструктивни
детали. Секако дека овој проект
не би можел да биде реализиран
на првобитно замислената
локација, но сепак тоа би било
можно со извесни поместувања
на Деталниот урбанистички
план за конкретниот простор.
На крајот треба да се нагласи
дека за трите разгледани локации,
од страна на студиската група
беа направени уште по три
идејни проекти, кои имаат свои
специфични квалитети и по некоја
оригинална идеја. Меѓутоа, јас како
раководител на курсот, поради
ограниченоста на просторот можев
да презентирам само по еден. Во
изборот ми помогнаа аналитичките
дискусии, кои се одвиваа при
јавната одбрана на проектите
во почетокот на 2009 година.
На јавната одбрана и дискусијата,
официјално беше поканета и
Управата за заштита на културното
наследство, но нејзин претставник
не дојде. Сепак, сметам дека иако
веќе се работат проекти за три
сепаратни музеи на Калето, не
е доцна да се преиспита целата
замисла и да се тргне по патот на
интеграцијата: во еден музеј да се
сместат сите периоди распоредени
во свои оддели по хронолошки ред.
Видовме дека за таа цел постојат
погодни и слободни локации,
за кои накратко презентирав
по една варијанта на идејни
проекти, со чие додефинирање
би можело целосно и квалитетно
да се одговори на поставената
задача, на современите барања и
на предизвикот на времето.
проф.д-р Михаил Токарев