Постојат многу дилеми за и
против кога едно семејство
треба да реши дали сака да
живее во стан или во куќа. Станот
обично подразбира локација на
која се достапни многу удобности
на урбаниот живот, но куќата
нуди мир и тишина. Становите се
полесни за одржување бидејќи
на куќите им е потребна грижа и
за фасадата, покривот, дворот и
слично. A домот во колективна
зграда се продава готов, веќе
осмислен, со многу поограничени
можности за индивидуализација
и за приспособување кон
личните потреби, за разлика
од големиот број опции што
стојат на располагање кога се
гради индивидуален објект.
Во просек становите се поблиску
до централните градски подрачја,
што го олеснува транспортот, но во
куќниот двор никој никогаш нема
да ви го зафати вашиот паркинг-
плац. Списокот е многу долг.
Еден од главните предизвици на
проектантите е да ги премостат
овие разлики, да ги доближат колку
што е можно повеќе. Сè уште не
е измислена идеална формула за
вкрстување, па затоа се оди на
компромис. Таков обид претставува
и зградата „Космос“ на кејот на
реката Вардар зад Универзитетот
ФОН, што ја гради инвеститорот
„Фине“. Таму луѓето ќе живеат во
станови, ќе уживаат во тоа што
друг ќе им мисли за загревањето
на домот, инсталациите и слично.
Но, истовремено ќе си имаат и
сопствени паркинг-плацови, а при
уредувањето на нивните станбени
единици ќе им биде овозможено
самите да си бираат одредени
елементи од ентериерот, на пример
паркетот, плочките и слично, па
ќе можат да си го направат својот
стан единствен, наместо да им биде
ист како другите станови, околу
1.000 на број, како што најави
стопанственикот и инвеститор Фијат
Цановски, кога се поставуваше
камен-темелникот. Исто така, додека
тие во куќите ќе уживаат во своите
домови, станарите од „Космос“
ќе можат да се релаксираат во
ротирачки ресторан на врвот на
зградата, кој ќе се простира на
1.500 квадратни метри. Секој влез
на зградата ќе има по четири лифта.
Околниот простор ќе биде заграден
и во него ќе може да се влегува
само со картичка. Пристапот на
објектот е откај Универзитетот ФОН,
односно од булеварот Војводина,
но се предвидува до него да минува
и булевар со нов мост преку реката
Вардар, во близина на спортската
сала Јане Сандански, како што
е предвидено со Генералниот
урбанистички план на градот.
Вкупната вредност на проектот
е околу 40 милиони евра, од кои
десет милиони евра ќе добијат
градската управа и општината Гази
Баба за комуналии. Со овие пари
тие ќе треба да ја финансираат
изградбата на предвидените
инфраструктурни објекти, улиците,
булеварскиот дел, мостот, како и
да обезбедат водоснабдување и
други комунални услуги за објектот.
„Космос“ е станбен комплекс кој се
наоѓа на границата меѓу општините
Аеродром и Гази Баба, на површина
од 90.000 квадратни метри.
Шармантната и харизматична
заедница нуди диференцирани
услови за живот. Градбата е од
првокласни висококвалитетни
материјали и претставува една
од најголемите градби на ниво
на Република Македонија.
„Космос претставува затворен
комплекс – заштитен и ограден.
Обезбедува сопствен систем за
24-часовно греење, производство
на струја и ладење. Луксузните
станбени објекти ќе бидат опремени
со трговски центар, детска
градинка, фитнес-центар, базен,
како и со сите потребни сервисни
услуги, електричари, водоводџии,
обезбедување, хигиеничарки.
Паркирањето е решено со
два ката подземни гаражи за
потребите на станарите", велат
инвеститорите за својот комплекс.
Тие додаваат дека продажбата на
становите засега им одела добро,
особено што цената на квадратниот
метар е 840 евра, пониска дури и
од скопскиот просек, а комплексот
се нуди и се рекламира како
луксузен и елитен. Изградбата
досега е стигната до шестото
ниво. Кога ќе заврши, според
најавите за околу две години, и
кога новите станари ќе се сместат
во нивните планети во заедничкиот
космос, ќе може да се процени
и колку успешно бил направен
компромисот меѓу индивидуалното
и колективното домување.
Катерина СПАСОВСКА-ТРПКОВСКА