Од бајките, мечтите и сказните знаев за фонтани од кои наместо вода тече чоколадо. А, ако случајно го посетите Лас Вегас, ќе се уверите дека таква фонтана навистина постои. Две тони топено бело и црно чоколадо затворено во стакло каскадно паѓа од под до плафон во еден од холовите на хотелот “Белаџио“. Но, тоа не е единственото чудо. Холови преполни со свежо цвеќе, 2.000 цвеќиња од дувано стакло во најразлични бои, продавници на најпознати дизајнерски имиња, ботанички градини со егзотични растенија, птици и инсекти, луксузни ресторани, кафеа, бизнис-центри, ноќни клубови, казина и шоу на вода и светлина според музичка кореографија го прават хотелот атракција видена од над 40 милиони збунети и воодушевени посетители годишно. Со своите хотели “Белаџио“, “Цезар Палас“, “Ескалибур“, “Луксор“, “Мираж”, “Монте Карло“, “Њујорк Њујорк“, “Парис Лас Вегас“, “Планет Холивуд“, “Рио“, “Ривиера“, “Трежр Ајланд“, “Тропикана“, “Венеција“, Вегас го пренесува волшепството на светот во средиштето на пустината Мохаве во Невада и се претвора во највозбудлив град на нашата планета.
Секој од хотелите на “стрипот“ е посебно аранжиран мини град во кој се комбинираат технолошките чуда на денешнината со убавините на дамнешните времиња и стилови или волшебните убавини на природата, а секој одделно нуди услуга според различните барања на посетителите: одмор, добра храна, заработка, венчавка, забава, деловна средба, купување…
Хотелот “Луксор“ го буди духот на Египет, а “Венеција“ романтичната атмосфера на ренесансна Италија.
Но, повеќе од кога и да е, таму, во Вегас, стануваат вистинити зборовите на архитектот Богдан Богдановиќ дека “градот е културна, хумана форма, но тоа е само дотогаш додека е подеднакво, неделиво и артефакт и метафора. Ако градот метафора преовлада и ја победи цврстата структура на градот функција, го напуштаме светот на реалноста и преоѓаме во светот на лоши, наивни бајки“. За жал “се помалку сме склони строго да ги проценуваме лажните градски сценографии на отпосле аранжираните туристички градови во кои ништо повеќе не е ни вистинито ни примарно, не е повеќе она што е, туку нешто друго, краткотрајно и минливо. Но сепак, тоа е се уште само онаа другата, помала опасност. Многу пореална закана носат во себе тенденциите градот едноставно да се смета како соголена функција која треба да се задоволи, како техничка алатка, како придружна машина на работата, спиењето и репродукцијата. Ако му подлегнеме на таквото сфаќање, преоѓаме во светот на ужасни бајки населен со градови чудовишта кои повеќе не ќе можеме да ги совладаме ни со физичката сила, ни со своите желби, ни со своите мечти“.
Можеби затоа , не сакајќи да изневери ниеден посетител, моментно во Вегас се подготвува нова атракција. Модерниот Градски центар нуди спектакуларна архитектура и амбиент на бутиците, хотелите, луксузните резиденции и казина кои ќе се отворат кон крајот на 2009 година. Меѓу содржините е и 40 милиони долари вредниот Центар за фина уметност со скулптури, слики и инсталации на најреномираните уметници меѓу кои Маја Лин, Џени Холзер, Олденбург, Стела и др. Пред се тоа се уметници кои творат за поголеми отворени простори, а се инспирирани од поднебјето и традицијата на Невада.
Билјана СТЕВКОВСКА-САВИЌ, дипл.инг.арх.
Објавено во број 92.