Насловна / Форум / Да ги погледнеме работите од друг агол

Да ги погледнеме работите од друг агол

http://www.porta3.com.mk/http://92.55.64.34/images/stories/forum/zoran-petrov.jpgОд друг агол, ке казам нешто за нашата несамокритичност и илузија во која живееме, која не донесе во ситуација на катастрофална ерозија на моралните вредности. На најхрабрите им остана привилегија барем да имаат свој став по некои работи и истиот да можат да го презентираат, а вие сте храбро списание. Затоа ја почитувам вашата рубрика како едно од малкуте места каде може слободно да се дебатира, а да не се посега по делови од сопствено искажаното мислење, кое има смисла со својата целовитост.

Во последните 20-тина години ни се случи голема системска трансформација во начинот на валоризација на вредностите. Преживуваме, за жал не можеме да речеме и дека преживеавме период во кој материјалните вредности нè само што доминираат, туку станаа и многу моќен вредносен критериум за успешност. Духовните вредности нè само што се потиснати, туку тие во овој момент не се ни периферен елемент за вреднување.


Некој ни наметна, не инфицира, а ние некритично проголтавме и си размноживме во нас една “бактерија” која во најдобар случај можеме да ја дијагностицираме како “потрошувачка пандемија”. Истата ги зафати и руинира нè само нашите духовни вредности, туку ги нападна скоро сите ткива на нашиот систем, почнувајќи со општествено-економските, техничко-технолошките, архитектонско-урбанистичките, културно-образовните, научниот итн. Се доведовме, како професионалци и стручни луѓе, во ситуација урбанистичката маркица да ја гледаме со диоптрија на доходовност. Притиснати од магијата на парите секогаш ни е “ниско” она што следи после П+…, и секогаш ни е мала котата на венецот.


Се фативме во замка, доминантните вредносни критериуми во обликувањето на објектите да бидат катноста и квадратурата, и да имаме “чест” да бидеме основоположници на нов правец во архитектурата, би го нарекол “доходовна архитектура” или “транзициска архитектура”. Почнавме за успешни да ги афирмираме оние што само ќе се обидат да направат компромис помеѓу убавото и скапото (доходовното).


Сето претходно наброено не донесе во таква летаргична состојба, што сета неубавина се обидуваме да ја дефинираме како времена и помалку убава, а празнината околу нас како не толку лош амбиент за живеење. Тие извитоперени не доведоа во ситуација да имаме коментари од типот “имаме не толку лош плоштад”.


“Слепи при очи”, би рекла баба ми, тоа беше нејзина омилена фраза која е применлива и за сегашни времиња и за сегашни случаеви. Не мора да бидете техничко лице, не мора да бидете трендовски “експерт”, бидете еден скромен ама реален граѓанин на град Скопје, излезете како човек и застанете на центарот во центарот на град Скопје и потрудете се да бидете објективен човек критичар, на своето време кој барем во целост не потклекнал на “транзициските вредности”.


Кој ви е впечатокот, една огромна црна маса под нозете, не толку голема колку што ние во тоа сивило изгледаме мали, поплочена ливада со уситнета структура и голема специфична тежина која сепак ве прави празен, осамен и лесен во просторот. И наместо да се чувствувате како централна фигура на центарот во центарот на град Скопје, главен град на РМ, вие вашата важност и шашардисаност од “убавината” на просторот и времето каде се наоѓате ќе ја наградите со фишек семки и лименка кока кола, паритетна награда за “пристојна убавина”. И кога ќе се заситите од “воодушевувањето” логично ќе тргнете кон паркингот во ГТЦ и кога од лево и по хоризонтала и по вертикала нови транзициски вредности, од типот кафе-бар, ресторан, ноќен клуб, моден салон, бутик, задимена скара, кукли од пластика, кинески скутери и се така “убавина до убавина”. “Слепи при очи” би рекол секој граѓанин во кој останала и ронка совест кон вистинските вредности.


Ако ова е Плоштадот на Главниот град на една независна држава и треба да остане таков само поради тоа што некој сакал “слободно да дише”, слободно можеме да посочиме многу поеколошки пунктови за “слободно дишење” кои ги има на претек во околината на градот, а сè уште неконтаминирани со “транзициски вредности”. Центарот на градот со Плоштадот и градот со својот центар и Плоштад имаат тесна врска која најчесто се идентификува преку афирмација на општествено-економските, просветно-образовните и културно- историските институции.
Од претходно кажаното не гледам никаква деградација на просторот на Плоштадот доколку во него се лоцира објект од општественото живеење, поточно Градска куќа. Напротив тоа е објект кој ги опслужува виталните сфери на живеење и сервирање на егзистенцијалните потреби на граѓаните. Ако ни е дозволена медицинска компаративна анализа, Градската куќа за плоштадот би требало да биде срцето на човековото тело, а центарот градниот кош со комплекс од витални функции.


Новопроектираните неколку пешачки мостови заедно со Камениот мост даваат друга просторна димензија на плоштадот и центарот. Нивната локација и нивното осовинско поставување на главните влезови на неколку културни објекти лоцирани од левата страна на реката Вардар го афирмираат и другиот аспект на идентификација на центарот, тоа се просветно-образовната и културно-историската содржина. Овој контекст сигурно го надополнуваат Театарот, Историскиот музеј на Македонската борба, Музејот на холокаустот, Археолошкиот музеј, Државниот архив, Филхармонијата и голем дел од спомениците, скулптурите и фонтаните што би биле разместени од двете страни на реката Вардар. Само со потполна афирмација на овие содржини Центарот со плоштадот ќе биде место кое ќе задоволува барем дел од потребите на граѓаните и со своите содржини ќе зрачи со привлечна снага на целото гравитационо подрачје на градот. Со вака комплексно оформен Плоштад кога ќе застанете на центарот во центарот на главниот град на независна држава, барем ќе имате алтернатива на празнината и осаменоста.


Подигајќи го просветно-образовното и културно-историското наследство на ниво на сопствена придобивка има шанса да вратиме барем дел од веќе руинираните, но сепак вистински вредности. Тоа е макотрпна борба но неопходна, тоа е единствена опција за опстанок на човековото достоинство и организиран отпор кон транзициските “вредности”.

Зошто работите не ги погледнеме, ќе парафризирам, и како културен натпревар меѓу граѓаните и поединците. Само тогаш ќе имаме алтернативни визури, само тогаш во објектот нема да гледаме барок, рококо или не дај боже политика, туку ќе гледаме театар. Театар во кој со пристоен и задоволителен сценски амбиент ќе се увериме во зборовите на белградскиот режисер кој на конференција за печат по повод премиера на својата претстава на новинарско прашање што би сакал да биде доколку не е режисер, одговори: “Тогаш би сакал да бидам артист како Никола Ристановски”. Зарем не заслуживме театар?
Зошто аголот на гледање дека се гради Музеј на ВМРО ДПМНЕ и Музеј на восочни фигури не го поместиме и видиме дека од другата страна на Вардар никнува еден современ историски музеј, Музеј на Македонската државност во кој на многу едноставен начин преку историски факти и документи, етнолошки материјал, восочни фигури, портрети и слики со масовни сцени, ќе биде реално прикажана повеќе од двовековната борба за македонската државност.
Зарем треба и понатаму да го рушиме достоинството на Великаните Б. Трајанов и С.Трпчевски, транспортирајќи клавири со амалски јажиња од Универзална сала до Дом на АРМ.


Зошто не сакаме да си признаеме дека ако ги анкетирате граѓаните на Скопје со прашањето каде се наоѓа Археолошкиот Музеј, повеќе од половината ќе ви одговорат дека е некаде на Калето, горе. Истиот ниту е на Калето, ниту е горе, туку напротив сместен во Старата чаршија во комплексот Музеј на Македонија на една недоминантна локација. Зарем треба да се срамиме археолошкото благо да го доближиме до нашите граѓани. Дали дефинирањето на стилот на градбата е повеќе битен од функцијата на објектот и атрактивноста на локацијата за конкретната функција за која се проектира. Дали витрината со мајката божица е зло за Плоштадот на градот? Не, мислам дека е вистински начин на доближување на културата кон граѓанинот.


Помалку излегов од стереотипите на коментарите во рубриката, но се надевам дека ќе отпочнам циклус на гледања и расправи со кои ќе се промени аголот на гледање на оваа материја. Се надевам дека ќе почнеме да дискутираме за функцијата на објектите, конструкцијата, ентериерот, технолошките решенија на греење, ладење, осветлување, економичноста и други многу битни сегменти кои го чинат еден објект помалку добар или повеќе добар. Сакам објектите да почнеме да ги гледаме како придобивка, а не како загуба.


Апелирам што побрзо да се извлечеме од стегите на “транзициските вредности”, бидејќи ако потраат уште малку и ако масовно ги прифатиме како неопходни и неминливи тогаш неминовно ќе дојде денот кога ќе размислуваме со стомакот, а не со главата.


На крајот поимот за доброто и убавото не е зададена апсолутна категорија сама по себе, тоа е состојба на умот и мислата, затоа секој има право за свое убаво, за свое добро, за свое успешно, но затоа никој нема право против другото убаво, другото добро и другото успешно.
Најубавиот компромис би бил кога ќе создадеме слободи за афирмација на сите добрини и сите убавини.

Испрати коментар

Scroll To Top