Денес (1 јуни), во 20 часот, во Културно-информативен центар – Скопје, во изложбените салони „Империјал 1 и 2“, ќе се отвори 11-та годишна изложба „Јаготка на шлагот“ на студентите од Факултетот за арт и дизајн – ЕУРМ. На изложбата ќе бидат претставени трудовите на студентите од првиот и вториот циклус на студии.
Изложбата „Јаготка на шлагот“ претставува заокружување на изминатата академска година. Во неа се реализирани креативни наставни активности, збогатени со значаен број проекти, работилници, изложби, модни ревии, посети на музеи и галерии, награди, како и дружење со важни гости и визитинг-професори од Македонија и надвор од неа.
Факултетот беше дел од меѓународниот проект „Дизајн пракса“ во рамки на програмата „Еразмус плус“, учествуваше на Скопската недела на дизајнот и Моден викенд Скопје. Студентите на Факултетот освоија две од трите главни награди на конкурсот за дизајн на плакат за туристичка промоција на Република Македонија, учествуваа на фестивалот „Скопје Креатива“ и на Младинскиот пролетен салон.
Изложбата ќе биде отворена до 6 јуни 2017 година.