Урбан модулар е седиште за еден човек во јавен простор, a е проект на колективот МЕЛЕЕМ од Скопје. Овој проект од 25 до 28 мај бил изложен на 9. издание на познатиот регионален фестивал за креативност „Миксер“ во Белград, и тој е еден од победниците на натпреварот за дизајн: Ghost Project 2017:The new nomads.
Самиот дизајн на проектот се стреми да создаде место за седење на еден човек во јавен простор, наместо типичниот начин на седење на клупа за три лица, каде најчесто младите луѓе седат на горниот дел од клупата заради визуелната врска помеѓу друштвото.
Дизајнот е инспириран од слободното поставување на мебел од страна на жителите на улица, во сопствен распоред со цел да создадат пријатен амбиент во јавниот простор.
Со различни комбинации на урбаниот модулар можат да се добијат различни позиции на седење и олеснета комуникација на луѓето на различни висински нивоа. Исто така, урбаната опрема е идеална за сончање, читање книга, театарски претстави, следење на кошаркарски натпревари, перформанс итн. Дополнително, склопот на урбаниот модулар овозможува качување и игра за малите деца кои во денешното време на технологија се почесто се дома и не го користат доволно јавниот простор.
Развиени се 11 типови на урбаниот модулар кои овозможуваат различен спој меѓу нив. На изложбата се претставени сите во макета и е претставен еден прототип.
Авторки на проектот се Сара Симоска, Маја Лозаноска и Илина Цветкова.
Целата урбана опрема ќе биде поставена на 10 јуни во парк „Ајучко“ во Тетово, како дел од иницијативата од кампањата „Мрдни со прст“ која има за цел подигнување на јавната свест за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец, како и да се понудат идеи и можности за придонес кон специфични активности во рамките на заедницата во кои граѓаните можат да се вклучат поединечно, но и колективно.