До крајот на следната, 2015 година Кичево треба да добие комплетно нова болница, односно постојниот здравствен објект ќе биде реконструиран и адаптиран во нова општа болница. Според тендерот кој денеска го распиша Министерството за здравство, болницата треба да опслужува околу 70 илјади жители на Кичевскиот регион. Изградбата, која треба да почне во март – април оваа година, ќе чини околу 3 милиони и 250 илјади евра.
„Новата болница ќе биде сместена во објект со сутерен, приземје и три ката на квадратура од 7000 метри квадратни. Болницата ќе вклучува пет одделенија од областа на секундарната здравствена заштита, 10 специјалистичко – консултативни служби и четири одделенија со дневна болница“, изјави меѓу другото министерот за здравство Никола Тодоров.
„Во секоја соба ќе има тоалет, ќе се почитуваат сите правила за спречување на интра хоспитални инфекции, нови современи лифтови, паркинг-простор за сите кои ќе доаѓаат во болницата и целосно партерно уредување на околината на овој објект, изјави Тодоров.
Сегашната болница е изградена пред 80 години и според Тодоров, не ги задоволува сигурносните и здравствените стандарди.
Болничкиот капацитет на новиот објект ќе биде 64 кревети, а планирана е изградба и на две операциони сали. Тодоров потсети дека во 2012 година во Кичевската болница биле вработени шест доктори, а лани 20 медицински сестри.