Секоја средина во која живее одредено население има тенденција за менување, реорганизација, модернизација и приспособување кон новите и современи начини на функционирање и живеење. Така, промените, проширувањата како и надоградувањата на градовите воопшто, што претставуваат жива материја со сите свои особини и потреби за мутации, но истовремено и задржување на својот сопствен лик и карактер, се очекувани и на одреден начин посакувани и добредојдени. Ваков пример на осовременување, проширување и додавање на нови квалитети се случуваат во моментов во Приштина, Косово, каде се изгради нов станбен комплекс кој во сите аспекти е нов квалитет на целиот град. Тоа е станбениот комплекс Marigona Residence, кој е приватна инвестиција и замисла. Модерното живеење во близина на Приштина сега е овозможено со новоизградениот приватен станбен комплекс кој се простира на 32 хектари, а се состои од 150 индивидуални станбени куќи и околу 1000 станови во повеќе повеќесемејни станбени блокови.
Замислата на овој голем проект е на тројца успешни бизнисмени од Косово, кои одлучиле да ги здружат своите средства и да ги инвестираат во овој комплекс, кој е досега невиден ниту во Косово ниту во целиот регион. Иако нивните главни дејствувања се во козметичката, керамичката и прехрамбената индустрија, тие имаат и скромно искуство во осовременување на одредени станбени парцели и објекти. Еден од инвеститорите е и Еролд Белегу, човек со богато искуство, кој е „мозокот“ на овој „американски сон“. Покрај својот приватен бизнис, тој е и претседател на Косовската кошаркарска федерација, а во периодот 2010-2014 година бил претседател на Американската стопанска комора на Косово.
Сместен во непосредна близина на Приштина, на само осум километри од автопатот Приштина – Скопје, во овој комплекс освен станбените објекти составен дел се и основно училиште, детски игралишта, спортски терени, трговски центар, хотел, угостителски и услужни единици, изобилство на зелени и паркинг површини и се она што на еден центар му ги дава особините на модерен, мултифункционален и независен станбен комплекс.
Сочинет е од седум типови на едносемејни станбени куќи, кои им нудат на своите жители целосно современо живеење во претежно зелено и мирно опкружување. Marigona Residence нуди одлични услови за велосипедистите и пешаците, кои во овој комплекс ќе се чувствуваат безбедни и ќе можат непречено да се движат во кој било дел од него. Исто така, овој комплекс може да се пофали и со одличната улична мрежа која е изградена по најсовремени европски и светски стандарди. Сите објекти во новата резиденција се изградени на начин кој им овозможува рамномерен и непречен пристап кон природно осветлување и проветрување, така што објектите не си пречат еден на друг.
Релаксацијата и удобноста на семејствата што живеат тука е овозможена со тоа што оваа нова населба ги ужива благодетите на сепарираноста од градскиот метеж и гужва и поголемата сигурност и грижа за најмладите, но истовремено и лесна, брза и непосредна поврзаност со градот. Центарот за семејна медицина, кој е сместен во овој комплекс, е причина плус за безгрижно живеење тука. Тој е проектиран по сите современи медицински и технолошки принципи. Исто така, основното училиште овозможува современо следење на настава за децата од овој комплекс и околината. Опремено е со современи информатички кабинети, лаборатории за хемија, физика и биологија, кои само го надополнуваат современиот образовен процес на децата.
Marigona Residence, исто така, изобилува и со зелени и рекреативни површни. Дури 70% од нејзината површина е прекриена со зеленило, што нè уверува дека оваа средина е чиста и здрава за живеење, а истовремено како рекреативни содржини тука се јавуваат базени, спортски терени, детски игралишта, спортска сала, пешачки и велосипедски патеки кои му овозможуваат на секој жител широк избор за водење на здрав живот. Овдешните жители можат да пазаруваат во секој момент и тоа без да ја напуштаат оваа нова и модерна населба. Во нејзини рамки е изграден и модерен трговски центар во вид на чаршија, во кој се сместени голем број трговски и услужни единици кои го олеснуваат нормалното функционирање и независноста од патување до градот.
Баровите и рестораните во овој комплекс, пак, им овозможуваат на луѓето да се дружат и социјализираат во рамките на својата населба, а истовремено можат да посетат и вкусат квалитетни и вкусни специјалитети и ретки и карактеристични пијалаци од овој регион. Исто така, оваа населба е отворена и за надворешни гости кои можат да ја посетат за кратко или, пак, да отседнат во хотелот со пет ѕвезди, кој е отворен и за бизнис и деловни конференции и настани. Деловниот и бизнис простор во оваа населба не изостанува. Безбедноста тука е гарантирана од стана на приватно обезбедување кое 24 часа во денот го надгледува и осигурува овој простор.
Инвеститорите имале желба да изградат еден современ, безбеден, технолошки софистициран и развоен комплекс кој ќе го живее „американскиот сон“ во Приштина. Предел на кој му треба осовременување, модернизација и добивање на нови квалитети на живеење и функционирање, како впрочем и на целиот регион во кој влегува и нашата држава и опкружување. Како дополнување на „американскиот сон“ и стил, покрај архитектурата и начинот и стилот на живеење во овој комплекс, се јавуваат и имињата на улиците што носат имиња на некои од американските држави.
Овој пример на архитектонско, урбанистичко, инфраструктурно, концептуално и стилско решение, во секој случај се јавува како позитивен пример на развој на една средина и добивање на нови квалитети на живеење во неа. Интересно е да се напомене дека ова и не е единствениот пример на модернизација и следење на новите светски трендови во областа на архитектурата во Косово, со што може да се заклучи дека Косово во поглед на архитектурата е многу напред во следењето на новите архитектонски трендови, но исто така и во придонесот во современата и модерната архитектура на времето во кое ние припаѓаме и живееме.
Во ваквата анализа неизбежна е споредбата со ситуацијата кај нас и тоа што кај нас се гради. За разлика од Косово, Македонија вложува огромни средства за изградба на јавни, општествени објекти кои имаат потенцијал и на кои може да се имплементира современа, модерна, технолошки софистицирана градба, со што би се дало печат на нашето време. Но, за жал, тие средства се искористуваат за изградба на архитектура која во никој случај не нè претставува нас нуту како култура, ниту пак остава печат од времето во кое живееме, и е изградена без архитектонска и уметничка вредност.