Во кино Култура се одржа промоција на книгата „Град без љубов“ на архитектот Александар Петров. Пред присутните гости за книгата, која неодамна ја објави издавачката куќа Темплум од Скопје, зборуваа архитектите рецезенти Невена Георгиева, Дејан Ивановски, како и дизајнерката Даниела Симоновска.
„Книгата е една сликовница од градот, книга со слики за тоа како сум го сфаќал и размислувал градот“, рече Александар Петров на промоцијата.
Книгата е структурирана во два дела. Првиот зборува за приликите во градот, неговите аномалии, општата култура на поимањето на архитектурата, а вториот има компаративно значење каде што авторот зборува за културните вредности на градот, преку примери од други градови во Европа и во светот.
„Збиркава колумни уште од самиот зачеток беше замислена како книга со отворен концепт: како што настануваа текстовите стануваа јавно достапни. Почнав да ја создавам кон крајот на 2013 година, преку првите статии објавени на ударните опозициски портали. Со текот на времето се создаде серијалот кој го имате в раце и кој стана составен дел од расплетот на еден од најтешките периоди за македонската демократија воопшто, период кој траеше цели 11 години. Сите текстови се концентрираат на градежниот аспект на тоа владеење, кој трајно го уништи градот и константно го силуваше градското јадро сите тие години“, напиша авторот во предговорот на книгата.
Во воведот, Петров дискутира за празнините во социјалистичко Скопје, за немањето адекватни решенија во следниот период, потоа за првите архитектонски и урбанистички оштетувања на градот со транзицијата, за да се осврне воглавно на последните 11 години, кога според него е „извршен класичен непрофесионализам во целиот проект на ткн. Скопје 2014“.
Александар Петров е архитект кој дипломирал на универзитетот во Ферара (Италија), во класата на Џовани Корбелини. Како стипендист на регионот Емилиа Ромања стручно се усовршува во Загреб, под водство на професорот Хрвоје Њириќ. Од 2006 година работи во различни архитектонски студија помеѓу Џенова и Милано. По краткиот престој во Мелбурн се насочува кон проектирање инфраструктури, а од 2013 постојано е ангажиран на проектот за проширување на Аеродромот „Марко Поло“ во Венеција. Има изведено и различни објекти низ Скопје и Милано.