Проектот наречен Tete in L’air опфаќа интервенција во стар париски дистрикт во кој живеела работничката класа, простирајќи се на длабока и тесна градежна парцела. Земајќи ја предвид лошата состојба на постоечките градби, преземен е процес на нивна заштита и ревитализација, со цел да се задржи живописниот израз на уличниот фронт и истовремено да се збогати социјалниот живот во населбата.
Основната идеја подразбира креација на зелена градина како природна траса, ориентирана кон југ, која би функционирала како интермедијарен простор помеѓу улицата и приватните станбени содржини.
Со цел да се обезбеди непречена конекција помеѓу ова мало парче урбана природа и интимните делови од станбениот комплекс, секоја дневна просторија е целосно отворена кон внатрешноста.
Постоечкиот објект позициониран долж улицата е целосно реконструиран за да може да смести доволно станбени единици, задоволувајќи ги животните стандарди на денешницата. Исто така, располага со двојновисински трем, отворајќи ги визурите кон градината и долж неа обезбедува отворен пристап кон новиот објект кој е во процес на изградба.