Стотици тони смет расфрлени на устието на Бојана и на песочната „Голема плажа“ долга 12 километри, пружаат навистина страшна слика. Пластика, апарати за домаќинство, мебел па дури и автомобилски шасии. Тој отпад веќе не стигнува само преку реката Бојана од Албанија и Црна Гора, туку и од Косово и од Македонија со реката Дрим, чиј еден крак се влева во Бојана.
Проблемот стана меѓународен, а минатите години се случуваше, поради движењето на морските струи, сметот од тој простор да стигне до јужна Далмација, односно до полуостровот Пељешац. Таквата состојба посебно ги загрижува екологистите и туристичките работници од регионот, бидејќи исклучително негативно влијае на растителниот и животинскиот свет.
Поширокото подрачје на реката Бојана воедно е најзначајното место за презимување, гнездење и исхрана на птиците на целиот источен брег на Јадранот. Официјални Подгорица и Тирана потенцираат дека му посветуваат значајно внимание на проблемот, но од друга страна пак, тврдат дека немаат пари и ресурси да го решат. Во секој случај, сосема е извесно дека решение за овој проблем нема ни на повидок, а жителите на Улцињ во страв ги дочекуваат новите дождови и новите купишта смет.