Општините од источниот регион поради политичката криза не можат да распишат огласи за продажба на градежни парцели за изградба на куќи, станови и стопански објекти. Општина Штип како најголема општина во регионот во буџетот за 2017 година планираше да обезбеди околу еден милион евра приходи токму од продажбата на градежно неизградено земјиште. Портпаролот на Општина Штип, Драган Ристов вели дека четири месеци не можат да распишат конкурс за продажба на парцели.
– Ние не смееме во моментов да распишуваме конкурси и да продаваме градежно земјиште. Тоа е еден од главните извори на приходи на општината, покрај данокот на имот. Минатата година имавме околу шест објави за продажба на градежно земјиште. Околу 85 отсто од случаите скоро целото земјиште беше продадено, вели Ристов.
Во Штип на неколку локации има градежни парцели за изградба на на куќи, станови и стопански објекти. Овие средства општините ги користат за изградба на инфраструктурни објекти. Засега сигурен прилив на средства во општините се од данокот на имот, кој граѓаните треба да го платат до ноември.