Насловна / Архитектура / Тектонското и апстрактното како spiritus movens на автентичната архитектура во творештвото на Славко Брезоски (1922 – 2017)

Тектонското и апстрактното како spiritus movens на автентичната архитектура во творештвото на Славко Брезоски (1922 – 2017)

Опусот и авторското дејствување на еден од најзначајните претставници на првата повоена генерација македонски архитекти, Славко Брезоски (1922 – 2017), се поврзува со пошироката архитектонска сцена на мултикултурниот контекст на поранешна Југославија во децениите после Втората светска војна, која произведе силни и критички ставови кон прашањето на урбаната архитектура како одредница на модернизмот.dafd

Како еден од основоположниците на групата „Денес“ (1953), авторскиот идентитет на Славко Брезоски првенствено се поврзува со заложбите за дефинирање на експлицитен, синтетски, архитектонски јазик како еквивалент на визиите за ново, прогресивно и еманципирано општество. Брезоски ја обележа естетската и социјалната практика во архитектонската продукција во доцните педесетти и во шеесеттите години од минатиот век, во која се вбројуваат неговите ремек-дела: амбасадата на СФРЈ во Бразилија, стоковна куќа НА-МА, Работнички дом, Комунална банка, Средно балетско училиште и ред други објекти во Скопје и други градови на Македонија. Меѓутоа, од самиот почеток во слоевитиот концептуален апарат на архитектурата на Славко Брезоски се открива и длабоката испреплетеност и преточување на уште една траекторија, онаа на неговата непрекината врска со градителската традиција на Реканскиот регион и неговиот роден Галичник, којашто за него претставува изворна лексика на тектонската култура и креативен импулс во градењето на автохтон архитектонски јазик како заложба, или еден вид самосвесен консензус за пронаоѓање на елементите на изворност во универзалниот вредносен систем на модернизмот.соборна црква климент охридски

Соборна црква „Климент Охридски“

Универзалната вредност на архитектурата, која трансцендентира низ времето, стиловите и идеологиите, и опстојува како суштинска вредност и како идентитетски став, тој ја пронаоѓа во базичните принципи коишто произлегуваат од концептот на местото: дека зградата е истовремено искуство на онтолошкото и репрезентативното, дека таа ги инкорпорира мета-лингвистичките форми и просторно-временските ритми во актот на градењето, и дека нејзината врска со теренот и контекстот е исто толку тектонска и тактилна колку што е визуелна и сценографска. Акцентирајќи ја примарноста на просторно-пластичното единство на зградата и пејзажот, каде објектот претставува првенствено конструктивно искуство, а потоа апстрактен дискурс, Брезоски ја одржува константната дихотомија на тектонското и апстрактното како spiritus movens на автентичната архитектура.rabotnickidom

Работнички дом

Претпочитајќи ги секогаш специфичните морфолошки услови и контекст наспроти спектакуларните солуции, тој изгради дисциплиниран, рационален пристап во креирањето на изградената форма, било да е таа апстрактна, симболична или поттикната од вернакуларни референци. Во неговите толкувања, архитектурата претставува тектонски феномен кој ја добива својата смисла во релација со местото, луѓето и настаните. Од неговата прва публикувана студија „Мијачки тип куќа“ од 1951 година, до последната интегрална студија за регионот на долината на Радика и Мала Река „Реканска куќа“ од 1993 година, истражувачкиот ракурс на Славко Брезоски ќе биде фокусиран врз културната и социјалната функција на архитектурата како суштинска за разбирање на процесот на традиционалното градење куќи и населби, и процес на сукцесивна акумулација на ова социјално знаење во просторните обрасци кои трансцендентираат низ времето.

стоковна куќа нама

Стоковна куќа

Денес, кога идентитетските одредници на македонскиот модернизам се бришат од колективната и општествена меморија, кога физички и идеолошки се дерогира не само нивниот идентитетски предзнак, туку се компромитира легитимитетот на архитектурата како интелектуална дисциплина, културолошкото прашање за суштествувањето на македонската архитектура кое го поставуваа македонските модернисти, добива ултимативно, самобитно значење. Застанувајќи отворено и бескомпромисно во одбрана на вистинската архитектура и нејзините изворни принципи коишто ги вградуваше безмалку седум децении во сопствениот архитектонски опус, како архитект – педагог, Славко Брезоски ни ја одржа последната и најважна лекција, онаа за човечкиот и професионален интегритет кој е бесценет и кој ќе опстојува докрај како архитектонска хипотека за идните генерации.

Пишува: Анета Христова, архитект

 

 

 

 

 

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top