Владата за да ги поттикне приватните фирми во однос на проектот за градење на детски градинки и старечки домови донесе две нови уредби, односно подзаконски акти во таа насока, соопшти денеска на прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Со првата е предвидено сите локации во деталните урбанистички планови кои ги носат општините, а чија намена е изградба на домови или детски градинки, да се продаваат со почетна цена од едно евро за метар квадратен. Втората уредба предвидува обврска за сите субјекти кои стопанисуваат со земјиштето, без разлика дали е тоа централната власт или општините, да ги намалат комуналиите за овие два вида објекти за 95 проценти.
Според Ѓорѓиев, ќе има и четири поволни кредитни линии преку Македонската банка за поддршка на развојот. Првата е општата кредитна линија од Европската инвестициска банка, со која се обезбедуваат кредити со камата од 5,5 отсто, субвенционирана од државата, а втората е преку италијанскиот револвинг фонд, во соработка со МБПР. Третиот инструмент обезбедува кредитен фонд со гарантна шема кога државата учествува со поголема гаранција од приватниот субјект. И четвриот е кредитната линија за мали и средни претпријатија, чија предност е тоа што средствата можат да се добијат во денари.
Ѓорѓиев истакна дека и Агенцијата за вработување има предвидено средства, кои можат да значат субвенционирање на вработувања на лица кои потенцијално би работеле во овие домови или детски градинки.