Токму поради големото значење на пречистителните станици кои се градат во Македонија, редакцијата на „Порта 3“ во наредните неколку изданија ќе ги пренесе и детално ќе ги обработи проектите за овие објекти.Избор на материјали и системи при изведба на армирано–бетонски објекти и нивна надворешна и внатрешна површинска заштита кај постројки за прeчистување на отпадни води
Врз основа на искуствата во изведба на нови и санација на веќе постоечки армирано-бетонски објекти за пречистување на отпадни води, примарно е да се потенцира важноста при изборот на материјали и системи кои употребени како додатоци во бетонот или како завршни покривни слоеви, ќе овозможат од надвор и внатре комбиниран систем од хидроизолациона – киселоотпорна заштита на бетонските подни и ѕидни површини.
Со ваков комплетен пристап и третман на заштита на армирано-бетонските конструкции од хемиски и биолошки материи присутни во отпадните води, значајно се придонесува во намалување од загадување на животната средина (почва и подземни води).
Секојдневни сведоци сме на опасностите што нè демнеат и имаат моќ за уништување на природната средина, а потекнуваат од отпадните води испуштени при технолошко индустриските производствени процеси како и отпадни води испуштени од административно – станбени единици.
Степенот на уништување на природната средина ја има достигнато границата што сериозно го загрозува човековиот опстанок, ја загрозува меѓузависноста на човекот и природата, па е животно важен пристапот во заштитата на загрозената животна средина.
Во тој правец е усмерен и човечкиот ангажман околу пронаоѓање адекватни решенија при изборот на материјали и системи во процесот на проектирање и изведување на градежни објекти кои служат за складирање, депонирање, транспортирање или физичко, хемиско и биолошко пречистување на отпадните води.
Армирано-бетонски објекти за пречистување на отпадни води
Објектите за пречистување на отпадните води како градежни објекти изведени од армиран бетон, ќе ги разгледуваме од три аспекти во однос на бетонот што се вградува, како и во однос на надворешната и внатрешната обработка на површините.
1. Квалитет на бетонот и примена на адитиви – додатоци во составот на бетонската мешавина.
2. Избор на материјали и системи за надворешна и внатрешна хидроизолација со претходно изведени подготвителни работи.
3. Заштита на надворешните и внатрешните бетонски површини од хемиско- биолошки материи прусутни во отпадните води, како и во почвата.
Квалитет на бетонот и примена на адитиви – додатоци во составот на бетонската смеса при изведба на армирано-бетонски конструкции
Прв и основен услов при изведба на објекти од бетон и армиран бетон за пречистување на отпадни води е квалитетот на бетонот. Квалитетот на бетонот, покрај основните состојки цемент, агрегат и вода, се добива и со дозирање на додатоци – адитиви.
Со додаток на адитиви во бетонската смеса се добиваат високовредни бетони со следните карактеристики:
– водонепропустлив бетон;
– бетон со редуцирана количина на вода без промени во обработливоста на бетонот, со непроменети и подобри физичко-механички карактеристики на бетонот;
– отпорен на мраз со зголемена компакност;
– сегрегацијата на бетонот сведена на минимум;
– отпорен на лесни биолошко–хемиски агресии;
– со додаток на адитиви се одржува конзистенцијата на бетонот до потребно време за транспорт и вградување.
Сите овие наведени карактеристики за добивање квалитетни бетони во зависност од потребите, се постигнуваат со додавање на адитиви за пластифицирање на бетонот, зимско бетонирање, адитиви за водонепропустливост и аерирање, како и адитиви за забрзување и успорување на врзувањето на бетонот.
Избор на материјали и системи при изведба на надворешна и внатрешна хидроизолација со претходно изведени подготвителни работи
Во тек на изведба на бетонските работи, покрај основниот услов за добивање квалитетен водонепропустлив бетон, потребно е да се внимава во обработката на сите прекини на бетонирање, споеви помеѓу: темелни траки, континуирана темелна плоча со вертикални ободни и преградни бетонски подрумски ѕидови, како и на сите продори низ подни и ѕидни бетонски површини.
На овие места во текот на бетонирање се вградуваат:
1. водонабубрувачки траки на полихлоропенска основа, (Hydrotite, Hypercile и др.)
Типови на профили:
Монтажа на Hydrotite CJ- профил
2. Водонепропустливи, ПВЦ, гумени и метални профили, познати како фугебанд траки
Типови на профили:
Пред вградување на полихлоропенските траки, потребно е хоризолнталните спојни површини со вертикалните бетонски ѕидови да се премачкаат со водонепропустлив цементно-полимерен премаз за да се спречи капиларно качување на подземните води и влага по вертикалните ѕидови.3. Врз бетонските ѕидови пред изведба на надворешната и внатрешната хидроизолација, потребни се дополнителни подготвителни работи како: обработка на продори од стегачи на оплата, дрвени пакници – распонки од оплатата, пвц дистанцери и површински сегрегации.
4. машинско површинско порамнување на бетонските ѕидови од истечен бетон помеѓу споевите од оплатата
5. Бандажирање на хоризонталните и вертикалните споеви, како и прекини на бетонирање од надворешна страна на бетонските ѕидови. Начинот, изборот на материјали и системи при обработка на овие споеви, како и прекини на бетонирање, зависи од тоа дали се споевите за обработка во подземна вода или се само под дејство на атмосферска вода.
Монтажа на proofmate fd foil:
Детали на обработка на можни споеви и прекини на бетонирање со proofmate fd foil заптивна фолија.
6.Обработка на продори на цевки низ армирано-бетонски ѕид и под, и изведба на кос холкер од водонепропустлив малтер спој ѕид-под
А. Надворешна изведба на хидроизолација на ѕидови, под и темели
За правилен избор на надворешната хидрозаштита над бетонските површини, од примарно значење се податоците за присуство и квалитетот на подземните води како и составот на теренот.
Во пракса се среќаваат три случаи:
– Терен без присуство на подземни води (само атмосферски) и хемиски незагаден.
– Терен со подземна чиста вода, без хемиски и биолошки агресивни материи.
– Терен каде се присутни хемиски и биолошки агресивни подземни води.
На основа на оваа поделба, според видот на почвата и присутството на подземни води, уште во фаза на проектирање, врз база на гео-механички испитувања на теренот, како и при процесот на изведба, поребно е да се применат адекватни хидроизолациони системи.
а) Објекти кои се изведуваат во терен без присутство на подземни води, хемиски незагаден, само со присутство на био маса во горниот слој, може да се применат следните хидроизолациони материјали и системи при изведба на хоризонтална хидроизолација помеѓу подложниот бетон над тампонот и применетите темелни конструкции:
– еднокомпонентна хидроизолација од полимер цементни премази во комбинација со безалкална стаклена мрежичка или стаклен воал.
– двокомпонентна еластична изолација на цементно-полимерна основа во комбинација со безалкална стаклена мрежичка или стаклен воал.
– комбинација од полимер цементни и акрилатни водонепропустливи премази.
– сите видови ладни и врели битуменски и полимер-битуменски смеси и битуменски траки.
– водонепропустливи мембрани на база пластифициран поливинил- хлорид, неармиран и армиран со полиестерска мрежа.
– акрилатни и полиуретански премази, самостојно или во комбинација со стаклен воал или стаклена мрежичка.
Вертикални хидроизолации од надворешна страна на бетонските ѕидови се истите што се применети и за хоризонтална изолација.
Како заштита на изведените хидроизолации од механички оштетувања во зависност од изборот на хидроизолацијата може да бидат:
– заштитен слој од цементен малтер (хоризонтални хидроизолации);
– полипропиленски (РР) или полиестерски (РЕЅ) геотекстил;
– полиетиленски мембрани со висока густина (HDPE) познати како гута бета, терамембрана или тефонд кои имаат и дренажна функција;
– за заштита од механички удари, се поставуваат – лепат и табли од стиропор.
б) Објекти кои се изведуваат во терен со подземни води со ниска или висока хемиска загаденост.
Правилниот избор за надворешна хидроизолација е многу значаен бидејќи избраниот систем на хидроизолација во исто време претставува и хемиска заштита на бетонот.
Кај овој вид хидроизолациони системи важно е завршните слоеви – премази, или облоги да бидат отпорни на хемиски и биолошки материи присутни во подземните води, како и во почвата.
Над сите видови изведени еднокомпонентни цементно хидроизолациони системи како и двокомпонентни еластични цементно полимерни хидроизолациони системи, потребни се дополнителни премази, кои се хемиски отпорни. Тоа се материјали – премази на акрилатна, епоксидна, полиуретанска, епокси-катранска основа и сл.
Како независни хидроизолациони системи можат да бидат и:
– битуменски полимер и битуменски премази;
– битуменски траки со вметнат стаклен воал, стаклена ткаенина или полиестерски филц;
– армирани и неармирани едно и двослојни пластифицирани поливинил – хлорид мембрани (ПВЦ).
Б. Внатрешна обработка на бетонски ѕидови и под
Завршната внатрешна обработка на армирано-бетонските ѕидови и под кај објекти за пречистување на отпадни води има двојна улога.
– Спречување, губење на хемиски загадена вода низ конструкцијата на објектот, ѕидови и под, што би предизвикало загадување на почвата и подземните води.
– Заштита на самата армирано-бетонска конструкција од хемиски загадената вода.
Пред донесување одлука за изборот на системот за заштита на внатрешните бетонски површини од објектот, потребно е да се добијат следните податоци:
– вид и концентрација на хемиски материи присутни во водата;
– температура на отпадните води кои се пречистуваат;
– можни механички оптоварувања на обработените површини.
Во зависност од овие параметри се избира системот за хидро и хемиска заштита на бетонските површини.
Пред нанесување на хемиски заштитните премази, од внатрешна страна мора да се изведат комплетни хидроизолациони зафати, со претходни припреми и обработка на бетонските површини, опишано во делот за надворешна хидроизолација.
Хидроизолационите зафати од внатрешна страна се изведуваат од материјали на цементна, цементно–полимерна или цементно-епоксидна основа.
Заштитата на бетонските површини кај хемиски загадени отпадни води може да биде:
1. За послаби хемиски агресии и температура на водата до 60 0С се применуваат синтетски премази на епоксидна основа, епоксид–катран, полиуретанска и друг вид синтетски смоли.
2. Кај повисоки концентрации на хемиски агресивни материи и повисоки температури на отпадните води се применуваат комбинирани системи од синтетски малтери (епоксиден малтер), со завршно нанесени синтетски премази (епоксиден, полиуретански и др.) за да се добие затворена структура на изведената заштита. За заштита се применува и комбинација од киселоотпорна керамика положена во цементен или киселоотпорен малтер со исполна на спојниците помеѓу киселоотпорната керамика со киселоотпорен кит (епоксиден, полиуретански и др.)
Дончо Каратуков, дипл.инж.арх.
Мирко Батев, дипл.инж.арх.
(Инвест А – членка на групацијата Адинг)