Четирите американски конгломерати – телекомуникациските гиганти „Еј Ти енд Ти“ и „Верајзон“, рентакар компанијата „Ентерпрајз“ и фармацевтската ГСК ги повлекоа своите милиони долари за рекламирање на „Гугл“ поради тоа што нивните реклами се појавуваат на страници со екстремистички содржини.
Имено, нивните реклами се појавија до „Јутујуб“ видео со непримерна содржина и со тоа непосредно им донеле приход на креаторите на тоа видео.
Како што пишува списанието „Тајм“, се работи за видеа на египетскиот свештеник Вагди Гонеим, кому му е забранет влез во САД, и на Ханиф Куреши, чиешто учење наводно го инспирирало убиството на еден пакистански политичар.
Компанијата „Гугл“ упати извинување и вети усовршување на своите алатки за огласување.