Познатиот меѓународен саем за архитектура и градежништво во Минхен – BAU 2017, се одржа од 16 до 21 јануари. На овој саем, кој се одржува на секои две години, биле презентирани материјали, технологии и системи за градежниот сектор, како за комерцијална изградба така и за изградба на куќи, внатрешни работи, но и за модернизација и адаптација на разни простори.
На саемот, кој бил посетен од преку 300.000 посетители од 156 држави, имало околу 2.120 изложувачи од 45 земји, а изложбениот простор се состоел од 17 хали на површина од околу 183.000 метри квадратни, и бил опфатен комплетниот асортиман на градежна опрема и производи.
Како што знаеме, BAU е водечки светски саем кој поставува стандарди во градежништвото и ги собира најзначајните компании и експерти од целиот свет. На овогодишниот саем, акцентот бил ставен на иднината на градењето: интелигентни фасади, дигитално проектирање, изградба и управување со вмрежени згради и цели урбани дистрикти кои овозможуваат одржливост во своето функционирање. Биле претставени конкретни и иновативни решенија кои обезбедуваат инспирација за натамошно унапредување во градежната индустрија.
На саемот, исто така, се појавиле голем број излагачи кои своите решенија ги покажале директно во рамките на својот изложбен простор, па посетителите и експертите имале можност да дискутираат и дебатираат на различни теми кои се однесуваат на иднината на градењето.
Биле презентирани модуларни објекти изградени за еден ден, зелени структурни елементи за вертикални фасадни градини, комплетни решенија за зелени кровови, материјали за санации, висококвалитетни хидроизолациони системи, термоизолациони материјали, епоксидни и полиуретански смоли наменети за изработка на индустриски подови…
На крајот, во рамките на саемот бил организиран специјален настан кој во целост го заокружил овогодишниот саем, т.н. Долга ноќ на архитектурата.