Како дополнување на редовната понуда од туристички мапи на Париз, издавачот од Лондон Blue Crow Media ја издаде т.н. „бруталистичка мапа“ на Париз. Оваа мапа содржи обележувања за над 40 париски примероци на бруталистичката архитектура и овозможува еден поинаков начин да се запознае градот преку места кои не се наоѓаат во вообичаената агенда на туристите.
Меѓу позначајните проекти кои се лоцирани на мапата, може да се издвојат Maison du Bresil и Седиштето на Комунистичката партија, дизајнирани од страна на легендарните Le Corbusier и Oscar Niemeyer. Изведбите на влијателните француски архитекти Jean Renaudie, Renée Gailhoustet и Gérard Grandval исто така се обележани во мапата.
Називот на поствоената бруталистичка архитектура доаѓа токму од францускиот термин „le béton brut“, што значи „суров бетон“ . И покрај тоа што овој правец е предмет на многу дебати во последните години, оваа мапа ја одржува позитивната перцепција за него. Картата е двојазична – на англиски и француски јазик.