Почна изградбата и градежните активности на новиот клинички центар пред старата зграда на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје. Објектот ќе биде изграден на местото на старата зграда на Универзитетска клиника за гинекологија, каде што во тек е нејзиното уривање кое е предвидено да трае три месеци. Објектот од едната страна ќе се спојува со постојната зграда на хирургиите. Од другата страна ќе се спојува со Клиниката за гинекологија, а од задната страна со Клиниката за онкологија. Во објектот ќе бидат сместени сите клиники освен Клиниката за инфективни болести која ќе биде посебно и сместена во сопствената зграда, Клиниката за детски болести, кон која ќе се спои Клиниката за детска хирургија која од постојната зграда ќе премине таму, и Стоматологија и Максилофацијална хирургија кои ќе си останат во постојниот објект. Сите други клиники ќе бидат во новиот комплекс и ќе бидат сместени во еден поврзан објект. Целиот проект ќе чини околу 70 милиони евра со реконструкцијата на постојната зграда за хирургија и парите се обезбедени од Банката на Советот на Европа. Изградбата на новиот клинички центар се очекува да трае три години.